Митрополитот Тихон од Православната црква во Америка (ПЦА) / Фото: Википедија

Православната црква во Америка (ПЦА) ја призна МПЦ-ОА како канонска, на барање на српскиот патријарх Порфириј

Светиот синод на Православната црква во Америка (ПЦА), на вонредна седница одржана на 21 мај годинава, донел одлука да ја признае како канонска Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), а одлуката стапила на сила веднаш. Тоа подразбира целосно евхаристиско и канонско општење со сите архијереи, свештеници и верници на МПЦ-ОА, а ова било соопштено вчера од поглаварот на ПЦА, митрополитот Тихон, во неговиот извештај на 15 јули 2025 година до 21-от Сеамерикански собор, кој се одржува оваа недела во Финикс, во државата Аризона.

Православната црква во Америка (ПЦА) е основана од руски монаси на крајот на 18 век и таа денес има околу 85.000 членови ширум САД. Таа е во канонско единство со повеќето православни цркви во светот, но нејзината автокефалност не е докрај признаена. Во моментов, ПЦА како посебна, автокефална црква ја признаваат Руската, Српската, Бугарската, Грузиската и неколку помали православни цркви, но не и Вселенската патријаршија.

Одлуката за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА доаѓа како резултат на официјално барање испратено од патријархот на Српската православна црква (СПЦ), Порфириј, кој преку писмена кореспонденција го повикал Митрополитот Тихон да постапи во согласност со Томосот за автокефалност, кој Српската православна црква ѝ го додели на МПЦ-ОА, и да ја признае нејзината автокефалност.

Како што информираат од кабинетите на Митрополитот Тихон и Архиепископот Стефан од Охрид, се планира и заедничка прослава помеѓу двата поглавари, која ќе се одржи во катедралата „Свети Никола“ во Вашингтон, седиштето на Митрополитот Тихон.

Прославата, како што најави Митрополитот Тихон пред делегатите на Американската црковна конференција, ќе заврши со формално признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, што ќе значи и официјално поставување на МПЦ-ОА рамо до рамо со Православната црква во Америка како целосно автокефална и локална православна црква.

Ова признание, велат од МПЦ-ОА, е од огромно значење за македонската православна заедница во дијаспората, но и за црковната дипломатија на глобално ниво, со оглед дека ПЦА важи за една од водечките православни структури во Северна Америка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!