
Пожарникарите од Кочани ноќеска спасуваа бензинска пумпа, цистерна и куќи од запалени стрништа
Територијалната противпожарна единица од Кочани минатата ноќ била ангажирана за гаснење запалени стрништа на четири различни локации на територијата на општините Кочани и Чешиново-Облешево.
Препорачано
Огнот претставувал сериозна закана за населените места во рамничарскиот регион и за објекти покрај магистралниот пат Кочани – Штип, но со ефикасна интервенција спречена е поголема материјална штета и загрозување на безбедноста на населението.
– До рано изутрината траеја нашите напори да ги заштитиме имотите на жителите на селата Прибачево, Мојанци, Тркање, Уларци, а во опасност беше доведена и пречистителната станица во Мојанци, која минатата година беше изградена со средства на странска донација. Станицата произведува високозапаллив метан, што беше дополнителен аларм за пожарникарите. Загрозена беше и бензинската пумпа кај Чешиново, како и една цистерната полна со гориво што се движеше на патот Штип – Кочани, а што беше буквално заробена од пожарот од двете страни на коловозот, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани,.
Во Прибачево во опасност се нашле поголем број куќи со оглед што огнот практично навлегол во селото, а слична била состојбата и во Тркање. Земјоделски инспектор направи увид на терен и според имотните листи е утврдено за кои парцели и сопственици се работи.
Иако палењето на стрништата е казниво со закон, земјоделците не се откажуваат од таквата практика пред почетокот на пролетната сеидба, поради што од Општина Кочани упатија апел да се почитуваат законските прописи за да се избегнат финансиски и други санкции