
Повеќе од 5.000 компании исплатиле К-15 за годинава, екстра пари за над 80 илјади работници
Најмалиот износ на кој сега може да сметаат работниците од приватниот сектор, во моментот е 18.134 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето-плата во Македонија. Добростоечките компании даваат регрес што е речиси трипати поголем од законски пропишаниот, односно и над 50.000 денари
Повеќе од 5.000 работодавачи ги израдуваа своите работници и уште во јули ја исполнија обврската за исплата на регресот за годишен одмор. Од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“ информираат дека екстра пари на сметките до 25 јули легнале кај над 80 илјади работници. Од 1 јули компаниите можеа да стартуваат со исплатата на К-15 за 2025 година, а законската обврска на работодавачите е да завршат до 31 декември.
Препорачано
Најмалиот износ на кој сега може да сметаат работниците од приватниот сектор во моментот е 18.134 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето-плата во Македонија. Добростоечките компании даваат регрес кој е речиси трипати поголем од законски пропишаниот, односно и над 50.000 денари!
– Ве информираме дека според податоците на Управата за јавни приходи, заклучно со 25 јули 2025 година, вкупно 5.091 работодавач исплатиле регрес за годишен одмор за 82.936 вработени лица. Дополнително, потсетуваме дека во согласност со законските прописи, работодавачите се должни да го исплатат регресот за годишен одмор најдоцна до крајот на 2025 година, за сите вработени што работеле најмалку шест месеци во текот на 2025 година – информираат од УЈП.
Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, најмногу работодавачи дале регрес за годишен одмор во 2019 година – 44.839, а најмногу работници – 459.451 добиле К15 во 2024 година, покажува статистиката на Управата за јавни приходи, за тоа како од 2018 до лани се одвивала исплатата на ова работничко право. Од нивните статистики произлегува и дека просечно исплатените средства за овие седум години, се зголемиле за 8.000 денари, односно од 10.256 во 2018, лани просекот изнесувал 18.452 денари.
До Државниот инспекторат за труд за 2024 година вкупно пристигнале 3.322 претставки. Од нив, 513 се однесуваат за неисплатен К-15. Инаку, законодавецот предвидел казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат, Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.
– Работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто, во согласност со Спогодбата за изменување и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Ова е дозволено само по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, што значи дека со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор – стои во Законот за работни односи.
Од пред две години, со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор 2, правото на регрес за годишен одмор, стана задолжително и за сите работодавачи од јавниот сектор. Годинава околу 90 илјади административци може да сметаат на околу 12.000 денари. Освен наставниците, регрес добиваат и органите на државната и на локалната власт и друг државен орган основан во согласност со Уставот и закон, како и институциите од науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенција, фонд, јавна установа и јавно претпријатие основано од Република или од општина, од Градот Скопје, како и од општина во градот Скопје.