едрене
Египетската чаршија во Истанбул преполна со купувачи - Фотографија ЕПА, Седат Суна

Поттикнати од падот на турската лира: Бугарските граѓани ги полнат куферите во Едрене

Секако дека шопинг-туристите се задоволни од покачувањето на девизниот курс и почнаа да ги задоволуваат своите потреби од нашиот град, од овошје и зеленчук до градежен материјал. Тука трошат по 500 евра по лице и оставаат сериозно количество девизи во градот, подвлекува претседателот на Трговската комора на Едрене.

По енормниот пад на вредноста на лирата, Турција стана привлечна шопинг-дестинација за туристите од соседните земји. Пограничниот град од турскиот северозапад Едрене, деновиве од раните утрински часови е под навала на бугарски туристи. Бугарските државјани преминуваат во Турција преку Капикуле, кој е најголемиот граничен премин на оваа земја и се упатуваат директно на шопинг претежно во населбата Бостанпазар, каде што ги задоволуваат потребите за своите домаќинства, почнувајќи од прехранбени производи до детергенти.

Сопствениците на тезги и дуќани од едренскиот еснаф велат дека 99 отсто од нивните муштерии се бугарски државјани. Бугарската државјанка Мине Салим, која 20 дена во текот на месецот доаѓа на шопинг во Едрене, вели дека во овој турски град се чувствува како дома.

Во денови на криза турскиот еснаф е задоволен од оваа ситуација. Малиот стопанственик Метин Доган од Едрене, вели дека речиси сите потрошувачи се бугарски државјани и дека тие имаат голем придонес за економијата на градот.

Бугарските државјани доаѓаат со автобуси или со сопствени возила и пазаруваат секаде – почнувајќи од уличните бакалници и месарници до трговските центри, но најголем интерес покажуваат кон градските пазари. Преку викенд хотелите во Едрене се полни со туристи од соседните земји, кои по падот на лирата почнаа и да преноќуваат во градот.

Официјалните податоци од Трговската комора на градот Едрене покажуваат дека за шопинг во градот преку викенд доаѓаат околу 12.000 туристи од соседните земји, а во текот на неделата се движи од 6.000 до 7.000.

– Секако дека тие се задоволни од покачувањето на девизниот курс и почнаа да ги задоволуваат своите потреби од нашиот град, од овошје и зеленчук до градежен материјал. Тука трошат по 500 евра по лице и оставаат сериозно количество девизи во градот – подвлекува претседателот на Трговската комора на градот, Реџеп З’пкинкурт.

Турчинот Ирфан Доган, кој држи тезга на еден од градските пазари во Едрене, вели дека особено бугарските туристи купуваат стока на големо.

– Со покачување на курсот на доларот и еврото, имаме зголемен број бугарски и грчки потрошувачи. Купуваат  во големи количини. Добро работиме. Со падот на лирата куповната моќ на бугарските туристи порасна и затоа почнаа во голем број да доаѓаат на шопинг кај нас – вели Доган.

Бројот на грчките туристи, пак, е зголемен и поради отворањето на новиот граничен премин Пазаркуле кон Грција. Но, грчките туристи за разлика од бугарските, не се заинтересирани за прехранбени производи, туку повеќе за текстил или конфекција. Тие доаѓаат на шопинг во Турција и од другата страна на Егејското Море. Оваа година е забележан голем прилив на туристи во егејскиот град Ајвалик, претежно од Лезбос, но и од другите грчки острови. Како што јавуваат локалните дописници, фериботите се полни со туристи што доаѓаат на локалните пазари на овој убав приморски град на турскиот Егеј. Грчките туристи купуваат најмногу конфекција, но исто така и градежен материјал, челични врати, кујнски плакари, гардеробери, керамика и мебел.

едрене
За Иранците Истанбул е поевтин за шопинг отколку Дубаи – Фотографија ЕПА, Седат Суна

Источната граница на Турција е под наезда на иранските туристи, кои во илјадници почнаа да доаѓаат во градот Ван. Минатиот месец беше забележана голема турканица на граничниот премин Капиќој, кој во септември беше отворен по повеќе од една година по неговото затворање поради мерките против ковид-19. Иранците во овој град и пазарат и се забавуваат.  Една од илјадниците ирански туристи во Ван, Париса Шираз, вели дека доаѓа во Турција при секоја пригода, и за шопинг и за забава.

Иранските туристи доаѓаат во поголеми групи, особено откако од Дубаи се пренасочија кон Турција поради зближувањето на Анкара со Техеран. Денес од Иран во Истанбул неделно со 27 лета преку различни авиокомпании доаѓаат околу 3.500 туристи и тие во просек трошат по 250 долари и не користат кредитни картички. За разлика од европските туристи, кои купуваат повеќе накит и ќилими, иранските туристи претпочитаат текстилна стока и купуваат по големите шопинг-центри низ метрополата.

Генералниот директор на агенцијата „Си тревел“, Азаде Дочи, вели дека Иранците го претпочитаат Истанбул во однос на Дубаи најмногу поради пониските цени.

– Тие во Истанбул доаѓаат со празни куфери, а се враќаат со полни и по правило на враќање купуваат уште по еден нов куфер. Сите зимски туристи доаѓаат за шопинг, а некои го познаваат текстилниот кварт Мертер во Истанбул подобро и од самите нас – вели Дочи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот