
Потомокот на милениумското семејство остана сам во Македонија
Сеќавањата на Садикарио на семејните трауми се и начин како да ѝ помогне на Македонија да продолжи на патот што го почна – со изградба на толерантно и демократско општество.
Професорот со 12 дипломи, кардиологот, ендокринологот… Самуел Садикарио е последниот Колономос во Македонија. Неговата биографија е жива енциклопедија, бидејќи зад себе има семејство со корени од еден милениум! Поради економски причини неговите ќерки заминале на работа во Тел Авив, а тој ја смета Македонија за свој дом, ја помага со своите активности и придонесува со својата работа.
Препорачано
Неговата лична историја е фасцинантна и допира до онаа на Александар Велики. Проучувајќи го семејното еврејско стебло, досега открил околу 2.500 роднини речиси во сите држави во светот, чии корени водат до територијата на денешна Палестина. Траги од своето семејство нашол во 7 и 8 век во тогашна Византија, од каде што некои подоцна заминале во Италија, Шпанија, Германија…
– Ние сме семејство со корени од првиот век, од времето на Исус во Израел – раскажува Самуел, објаснувајќи дека една гранка од него дошла во Јанина и во Солун, бегајќи од инквизицијата во 15 век во Шпанија.
Во своето семејство имал познати рабини, па и еден личен пријател на Карло Велики, кој му дал територија на управување. Но, потесното опкружување му станува сè помалубројно. За само еден ден 200 негови блиски роднини во 1943 година биле убиени во Треблинка, а се спасиле само тие што претходно им се приклучиле на партизаните, меѓу кои и неговата мајка Џамила Колономос Садикарио, носител на повеќе признанија, медали и споменици, како ретка легенда за Евреите во нашата држава.
А, бројките се застрашувачки – дури 98 отсто од Евреите во Македонија тогаш биле депортирани во еден ден и убиени; или вкупно 7.148, на возраст од шест месеци па до 103 години. Од целата еврејска заедница во Македонија на крајот на војната се преброиле само 50. Сега се околу 900 Евреи.
Ваквите потсетувања на Самуел не се само начин да си олесни околу оваа колективна и семејна траума, туку и начин како да ѝ помогне на Македонија да продолжи на патот што го почна – со изградба на толерантно и демократско општество. Врвниот стручњак и интелектуалец тоа го илустрира низ една докторска шега. „Ме прашуваат, вели, кој начин на исхрана е подобар за слабеење како диета – муслиманската или еврејската. Им одговарам дека докторската е најстрашна, бидејќи ќе ви забранат и месо, и алкохол, и слатки, и цигари…“