Трајко Славевски - Гувернер на народна банка - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Трајко Славевски - Гувернер на народна банка - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Потешко до кредит за втор или трет стан, најавува гувернерот Славевски

Славески откри дека во моментот дури во 73 отсто на изјавите на кредитобарателите стои дека се подига кредит за стан за живеење, но дека тоа е само формалност, која никој не ја проверува

Народната банка е при крај со разработката на мерките кои ќе придонесат да се релаксира пазарот на надвижности и гувернерот Трајко Славески очекува јавноста да се запознае со нив за најмногу две недели. Овие мерки треба да го олеснат кредитирањето за оние кои првпат купуваат стан или куќа за живеење, а да бидат затегнати за лицата кои купуваат недвижност како инвестиција. Славески додаде и дека веќе добиле одговор од банките, при што дел биле прифатливи за НБРСМ, а дел не.

Гувернерот истакна и дека ќе се работи да се зголеми одговорноста на кредитобарателите кои даваат изјави пред комерцијалните банки, како што тоа се прави секаде во светот. Славески откри дека во моментот дури во 73 отсто од ваквите изјави стои дека се подига кредит за стан за живеење, но дека тоа е само формалност, која досега не е проверувана.

-Сите пишуваат дека купуваат стан за живеење и никој не проверува дали податоците за адресата на живеење се точни. Мора да се најде начин за да се издвојат оние кои првпат купуваат стан и изјавите да имаат поголема материјална одговорност. Доколку се утврди дека изјавата е лажна, тоа во светот се смета за тежок прекршок и банката може да ве казни – објасни Славески, пред работниот состанок во Агенцијата за катастар на недвижности.

Гувернерот меѓу другото истакна дека НБРСМ сите политики ги темели врз сериозни анализи и податоци од која било сфера, потсетувајќи дека се во процес на подготовка на проект со кој сакаат да се направи разлика меѓу лицата кои аплицираат за кредити за стан или куќа за живеење од оние кои аплицираат за стан како инвестиција, односно втор или трет стан.

-Десетици илјади станови се чуваат празни, а очекуваме дека еуфоријата на пазарот на надвижности ќе продолжи и натаму. Веќе сме готови со мерките за олеснување за оние коишто првпат купуваат стан за живеење и значително ќе ги заостриме критериумите за оние кои ги вложуваат парите во инвестиции. Знаете дека цените на становите во неколку македонски градови и најмногу во Скопје, постојано растат, а тоа ги става во неповолна ситуација младите луѓе кои планираат да го решат станбеното прашање. Имаме инструменти за да го релаксираме пазарот и конечно да ги следиме светските политики кои имаат различни критериуми. Треба да се каже дека луѓето кои позајмуваат за стан во кој живеат се во помал ризик за банките, тие се трудат да не доцнат со ратите за да не им биде одземена недвижноста. Сосема е различна ситуацијата со оние станови кои служат како инвестиција, за издавање или за сместување на туристи и тие се со значително поголем ризик, оти не знаат дали ќе најдат соодветни закупувачи, поентираше Славески.

Според него, врз намалувањето на цените на недвижностите може да се постигне значителен ефект и преку даночната политика што е работа на Министерството за финансии.

-Не зборуваме за намалување на каматните стапки, тоа е деловна политика на банките, но јас би поддржал мерка за поврат на ДДВ при купување на прв стан – додаде Славески.

Според директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски, институцијата на НБРСМ ќе ѝ ги стави на располагање своите бази на податоци за пазарот на недвижности за Банката како клучна институција да придонесе за подобро регулирање на пазарот на недвижности преку нивните механизми и соработката со комерцијалните банки.

Од крајот на септември повторно ќе има Регистар на цените на недвижностите

Регистарот на цени на недвижности на Катастарот неколку години не функционира и бил запрен во целост од претходниот директор, но сега според актуелното раководство повторно ќе биде ставен во функција.

– Работиме на отстранување на еден технички проблем. Имено податоците од нотарите ги добиваме врз основа на договорите за главните купопродажни, а не од предоговорите, така што се појавуваат значителни разлики и во прикажаните цени на станбениот квадрат. На пример во Карпош или во Центар како репер се земаат цени кои важеле во 2021 и 2022 гдоина, кога квадратот бил од 1.400 до 1.600 евра, а кај нас сега цените се најмалку двојно повисоки. Се трудиме да добиеме реална цена и до крајот на септември ќе имаме нов модел за граѓаните – најави Живковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот