
Поранешен руски пратеник: Дугина е убиена од „руски партизани“ на Националната републиканска армија
Поранешен руски опозициски пратеник тврди дека за смртта на Дарија Дугина се одговорни „руски партизани“, велејќи дека одговорноста на нападот ја презема досега непозната наводна организација наречена „Национална републиканска армија“.
Препорачано
Илја Пономарјов, говорејќи во Киев, изјави дека ќерката на Александар Дугин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, била убиена од „група на Националната републиканска армија“.
Пономарјов прочита и проглас од милитантна група, во кој се вели дека таа е составена од „руски активисти“ кои се борат да ги елиминираат структурите на Владимир Путин и да го соборат рускиот претседател од власт.
Дугина загина вечерта во саботата, кога бомба експлодира во џипот кој го возела кон својот дом. Руските медиуми објавија дека цел на нападот бил Александар Дугин, но тој влегол во друго возило.
Руското Министерство за надворешни работи шпекулира дека Украина може да стои зад нападот. Киев остро ги негираше обвинувањата.
Наоди од истрагата
Руските истражители започнаа истрага и форензичка анализа за убиството на Дугина, за да се обидат да откријат што се случило. Засега, истражната комисија наведува дека се чини оти делото било нарачано и планирано, пишува „РИА Новости“.
Комисијата наведува дека на 20 август околу 21.00 часот во близина на селото Болшије Вјаземи, Одинцовска област, експлодирала експлозивна направа во „Тојота Ленд Крузер“.
„Во моментов е констатирано дека под подот на автомобилот од возачката страна била поставена експлозивна направа. На местото на настанот починала Дарија Дугина која го управувала возилото“, соопштија од комисијата.
Експерт за експлозиви го прегледал изгорениот автомобил, а инспекторите ја анализирале снимката од камерата во возилото.