
Поради пандемијата, Машински факултет го затворил компјутерскиот центар, а студентите имаат проблем за работа со лиценцирани софтверски програми
Студентите од прва година на Машинскиот факултет во Скопје се соочуваат со голем, апсурден проблем. Немајќи можност да учат во компјутерскиот центар кој е затворен поради пандемијата, принудени се да прават пиратски да ги симнуваат програмите кои ги изучуваат.
Препорачано
Како што не информира нашиот соговорник, на тоа ги поттикнуваат и охрабруваат и самите професори и асистенти.
– Ние работиме со софтвери за моделирање, минатиот семестар работевме со ауто кад софтвер, сега со солид воркс. Проблемот е во тоа што ние студираме онлајн, а немаме пристап до софтверот од дома. Предметот Кат техники бара континуирана работа и пишување домашни работи и вежби. Машинскиот факултет ни го нема обезбедено софтверот, напротив ни имаат посочено да го симнеме од интернет, пиратски. Дури и да го направиме тој прекршок и да го инсталираме софтверот, времињата се променети, не живееме во 2008 година кога дома сите имаа нелиценциран Windows. Сега сите имаме лиценцирани програми, а на нив не може да се инсталираат пиратски програми, вели нашиот соговорник.
Барањата на повеќе од сто студенти се Машински факултет да го обезбеди софтверот или да се ревидира предметот. Овој проблем не бил толку изразен пред пандемијата, кога наставата се одвивала со физичко присуство, и на студентите им бил ставен на располагање компјутерскиот центар.
– Сме се обиделе со асистентите и професорите да разговараме за проблемот, но неуспешно. Дури и да е отворен компјутерскиот центар, нема доволно компјутери за сите студенти од генерацијата. Од друга страна, ние имаме и домашни задачи, што значи мораме да го имаме инсталирано и на нашите домашни компјутери. Студентската лиценца, а програмата чини околу 70 долари, за разлика од работната лиценца која чини околу 4.000 евра. Од друга страна, студентите стравуваат за овој проблем отворено да зборуваат затоа што се плашат од одмазда, последен пат кога отворено за зборувало за сличен проблем на Машинскиот факултет, на студентите повеќе семестри не им било дозвоолено да полагаат испити, тврди нашиот соговорник, студент на прва година.
На ваквото тврдење реагира деканот на Машинскиот факултет Дарко Данев. Според неговата изјава дадена за „Слободен печат“, на факултетот има 140 компјутери и лиценци за компјутерите во компјутерскиот центар.
– Сите компјутерски училници се обновени, имаме лиценци за сите групи студенти. Точно е дека за време на пандемијата компјутерскиот центар е затворен исто како што е затворен целиот факултет, но има совесни студенти кои побарале да им се овозможи да работат во центарот поради хардверски ресурси, и им било дозволено. Дури сме оставале чуварска служба за да им се овозможи на студентите да остануваат и во попладневните часови. Од друга страна кога имаме лабораториски вежби, истите се држат со физичко присуство, а на студентите им се ставени на располагање сите капацитети. Имаме обезбедено лиценци за сите студенти за ауто кад кои и дома им функционираат, а а за солид воркс имаме обезбедно лиценци за сто студенти, кои се менуваат во групи, објаснува деканот на Машински факултет, Дарко Данев.
Тој не ја исклучува можноста дека дел од студентите да работат со пиратски софтвер од дома, но вели не може да потврди дали такво нешто им било посочено од професор или асистент на факултетот.