
Понижени и увреѓени
Дека аверзијата кон нееднаквост, односно искажувањето на незадоволство, гнасење и омраза кон починителите на неправедниот и нерамноправен третман, постои и кај животните, е на спектакуларен начин докажано во веќе култниот експеримент со мајмуни во студијата на Сара Броснан и Франс де Вал
Чувството за праведност и еднаквост е во вистинската смисла на зборот еволутивна придобивка на човечкиот вид. Тоа е резултат на генетските мутации и природната селекција исто како што се тоа и органите од анатомската граѓа на хомосапиенсот. Тврдењата дека етичките норми и принципите на рамноправност и праведност потекнуваат од религиските системи, или од политичките движења се голо бладање што им противречи и на разумот и на фактите. Вистина е дека потполно изградени морални системи, честопати кодифицирани во софистицирани законски системи, имале буквално сите држави и општества формирани илјадници години пред да се појават монотеистичките религии. А етологијата, науката за однесувањето на животните, веќе и на експериментален начин докажа дека чувството за праведност и рамноправност е сосем развиено и кај животните.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Дека аверзијата кон нееднаквост, односно искажувањето на незадоволство, гнасење и омраза кон починителите на неправедниот и нерамноправен третман, постои и кај животните, е на спектакуларен начин докажано во веќе култниот експеримент со мајмуни во студијата на Сара Броснан и Франс де Вал. Експериментот познат под името „Мајмуните го одбиваат нееднаквото плаќање“ се состои во соработка помеѓу мајмуните и експериментаторите во која по успешната „работа“ (враќање на уфрлено камче назад на експериментаторот) мајмуните добиваат награда што се состои во парче краставица. Краставицата не е некоја омилена храна за капучините, но додека е единствената плата за стореното која сите мајмуни еднакво ја добиваа, тие ентузијастички учествуваа во експериментот.
Мајмуните не ја сакаат нееднаквоста
Но, кога за истата „работа“ еден мајмун ќе добие краставица, а соседниот ќе добие бобинка грозје, што, се разбира, првиот го гледа, онеправдениот мајмун се замислува, но сепак – иако неволно – учествува во „работата“ уште еднаш. Кога неправедното наградување ќе се повтори по вторпат, онеправдениот мајмун реагира бучно, почнува да протестира и престанува да соработува. Честа реакција било вистински штрајк, демонстративно одбивање на краставицата, а неретко мајмунот и му ја фрла „платата“ в лице на безобразниот „работодавач“.
Интересно е што колку неправдата е поголема, толку е и реакцијата на онеправдените мајмуни поинтензивна, што е докажано со давање на грозје на мајмун што воопшто не „работел“, туку седел настрана. Неправедното наградување, нееднаквиот третман, или друг вид нерамноправност или неморален и нефер однос, е докажано и кај макаки мајмуните, шимпанзите, практично и кај многу други примати и цицачи. Општиот заклучок е дека рамноправноста, еднаквоста, праведноста, или воопштено моралната интуиција е еволуциска придобивка што покрај човекот, ја имаат и неговите роднини примати, но и куп други цицачи и птици.
Тоа значи дека кога Макаки приматите докажано имаат чувство за рамноправност, во најмала рака е чудно што Европската Унија веќе со децении манифестира убедување дека Македо приматите во својот еволутивен развој не успеале да ја развијат моралната интуиција и го немаат чувството на неправда и понижување кога се изложени на нерамноправен третман. Во еден од најдолготрајните етолошки експерименти изведени во историјата на науките, кој е кај нас познат како процес на евроинтеграција на Македонија, а во европската лабораторија е познат под тајниот работен назив „Евроинтеграција на Макакидонија“, на нашата натпреварувачка (и во оригиналниот експеримент на Франс де Вал учествуваа женки од Капучин мајмуните), без оглед колку се трудела во задачата (да им го врати на лаборантите камчето уфрлено во кафезот) нејзе секогаш како награда ѝ се давани црвјосани краставици. Тоа се случувало дури и кога на другите учесници во евроинтеграциите им се давани грозје, банани, ананас, урми и што сè не, и кога овие им се мочале в лице на експериментаторите, тие сепак биле наградувани со овошје од царски послужавник.
Примери за ова има на претек, и тоа во сите области во кои се бараат реформи, подобрувања и усовршувања, за да се состигнат европските стандарди: човечки права и слободи, функционална демократија, корупција, владеење на правото, и што с не, но ние ќе се задржиме само на односот кон малцинствата. Елем, Грција е примена во Европската заедница иако изврши геноцид и етничко чистење на повеќе од 200.000 егејски Македонци и грчки комунисти (во Граѓанската војна 1946-49), а политиката на прогон и непризнавање на македонското малцинство и нивните права продолжи континуирано и конзистентно целото време од тогаш до ден-денес. Бугарија исто така е наградена со членство во Унијата иако не го признава македонското малцинство во Бугарија и ги прогонува упорните Македонци во континуитет, од 1948 до денес.
Во ЕУ и НАТО влегоа држави со функционален апартхејд
Естонија, Латвија и Литванија влегоа во ЕУ и НАТО како да беа полиени со лубрикант, иако сите три балтички земји, а особено првите две, се функционални апартхејд држави, кои на цели 25 до 30 насто од нивното население не им даваат државјанство. На помеѓу четвртина и третина од населението од руско потекло кај овие „огледни“ членки на ЕУ и НАТО практично не им се признаваат никакви права што одат со државјанството: ниту гласачките права и другите политички права, ниту пак можностите за вработување во државни служби и слично, а за службеноста на рускиот и да не говорам.
Од 2022 година во овие држави се појавија и прописи кои руското население го третираат како што Нирнбершките закони ги третираа Евреите во Германија, а се однесуваат и на забрани да купуваат и поседуваат недвижности и други ограничувања со кои Евреите во Европа беа тлачени уште од Јустинијановиот законик. И овие учесници во европскиот експеримент сеуште добиваат грозје и царски урми, додека нашата Макаки натпреварувачка уште прима меки и сосушени краставици.
Украина е крунски пример за суровата нееднаквост, нерамноправност и двојни стандарди применувани од Европската Унија, зашто земјата ја ставија на експрес линија за интеграции во НАТО и ЕУ, издвојувајќи стотици милијарди долари и евра јавни средства за оружје и за функционирање на државата што се наоѓа во сурова империјалистичка, етнонационалистичка и расистичка војна. И сето тоа се случува иако станува збор за земја што ги укинала сите права и на своите украински граѓани, особено на мажите на кои им е укинато правото на живот, додека на руските Украинци им е укинато буквално сè што е ставено во повелбата на ОН за човечките права: нивниот јазик, култура, вероисповед, живот и иднина. И, нема проблем, грозје се тркала во оваа воена диктатура во која службата за безбедност затвора или убива кого сака, мажите ги ловат како што шинтерите некогаш ловеа улични кучиња, а украинските Руси мораат да ѝ ја докажуваат својата лојалност на татковината така што ќе гинат во борбата против рускиот агресор.
За тоа време, ЕУ бара од Макакидонија 0.19 насто од населението што се изјаснило како Бугари да ги вметне во Уставот како државотворен народ во земјава, како услов за продолжување на пристапните преговори. Е, сега. Не дека е тоа нешто тешко, особено ако се земе предвид дека се работи за остварување на геостратешките политики на земјата. И, се разбира, да бевме и малку опулени, ќе го сторевме тоа следната секунда по поставувањето на условот. А, згора, да бевме така паметни и во случајот на грчките опструкции, Бугарија воопшто немаше да биде во позиција да ни поставува услови.
Но не бевме, и не сме. Ние сме макаки заедница со македонско национално самочувство. И, како и сите примати имаме вродена аверзија за неправедното наградување, нееднаквиот третман, или друг вид на нерамноправност или неморален и нефер однос. Тоа ни е еволутивна придобивка: да се чувствуваме понижени и увреѓени. Што, се разбира е основниот услов за одгледување на фашизмот во куси панталони. И да, нашиот приматски ум ни го поставува и одржува вемерето на власт, но клучниот услов за тоа е токму европската хипокризија, зашто таа ја создава културата во која овој патоген се развива. Двојните стандарди на Европа го донесоа и го одржуваат вемерето на власт.
П.С. Хипокризија според Толковниот речник на македонскиот јазик е прикривање на вистинските особини и лажно претставување во добро светло; според Оксфордскиот речник тоа е инсистирање на повисоки стандарди и вредности од оние што фактички ги имаме; според Мериам-Вебстер, тоа е однесување што му противречи на она што се прокламира; а според Кембриџ речникот, хипокризија е кога едни правила или стандарди важат за хипокритот, а сосем други за останатите.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“