
Помалку чекање на шалтери и трошeње хартија, повеќе дигитални услуги за граѓаните
Дигиталната трансформација на јавниот сектор останува предизвик и на новата Влада бидејќи токму дигитализацијата е исклучително важна алатка во борбата против корупцијата во јавните набавки и во управувањето со јавните ресурси кои се и меѓу главните приоритети во нивниот мандат. Поразително е што во дигиталната ера кај нас се уште хартијата ја користат и преферираат повеќето државни институции кои пак не комуницираат меѓу себе ниту ги користат податоците ниту ги разменуваат податоците во дигитална форма.
Препорачано
Преку сеопфатна владина иницијатива „Смарт Македонија“, се предвидува изработка на национална ИКТ-стратегија која ќе претставува чадор на сите владини активности и ќе биде во согласност со иницијативата за дигитална трансформација на Европската комисија насловена „ЕУ дигитална декада“ или дигитални цели за 2030 година, а ќе биде и „на линија на заложбите на нашите меѓународни партнери“, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на третата сесија на Работната група 6 – Антикорупција, на тема „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ која ја организираше Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).
– Не можеме да зборуваме за системска борба против корупција, ако институциите не комуницираат меѓу себе, различни портали за секоја различна институција. Најголем дел од податоците се чуваат во хартиена форма или пак ако се во електронска форма еден со друг не може да се читаат, односно една институција не може да ги прочита податоците од друга институција – нагласи Андоновски.
Тој потсети дека иако во државава постои Платформа за интероперабилност повеќе од 10 години, помалку од 60 институции во моментов ја користат и поголем дел од нив не комуницираат меѓу себе.
– Врвен приоритет на оваа влада и на идните ангажмани на оваа влада ќе биде што повеќе институции да се приклучат на Платформата за интероперабилност, максимално да ја искористиме, да го зголемиме квалитетот на податоците на истата, а граѓаните да добијат услуги кои доаѓаат од еден портал на услуги и со едно приклучување преку своите акаунти. Се надевам ќе успееме тоа да го направиме зошто ќе им помогне и на граѓаните и на компаниите, ќе расте транспарентноста на институциите, ќе се бориме против корупцијата но само на ваков систематичен начин. Ако работиме ад хок, секоја институција сама за себе, нема да имаме резултати, тие ќе бидат површни и само во една област, а не и во некоја друга – потенцираше Андоновски.
За развојот на дигиталната трансформација клучни се, освен квалитетните податоци, и нивната отвореност, односно важно е да бидат бесплатни, рече на дискусијата деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски.
-Тоа да се однесува на податоци кои ги собираат институции, регистри и други, а за пристапите до нив треба да платите. Дури и институциите меѓу себе треба да си платат за да дојдат до податоци и тоа е многу голем оневозможувач за дигитална трансформација. Сметам дека националните регистри секако треба да наплаќаат за одржување на истите и тоа се услуги за впишување, бришење или ажурирање на податоци, издавање на документи како докази, меѓутоа податоците треба да бидат бесплатни за секого или барем за институциите и тоа е нешто за што треба да се направи напор во институциите – рече деканот Јакимовски.
Тој потсети дека преку Платформата за интероперабилност од неодамна информации почна да прибира Државната комисија за спречување на корупцијата од 5-6 информации од каде се земаат информации за именуваните лица и нивните приходи и за неа рече дека е добра основа за развој на понатамошни алатки за детекција и автоматизирана анализа на судир на интереси и други коруптивни дејства.
Меѓу институции во кои има извесен напредок во дигиталните услуги и во работењето е Управата за јавни приходи. Според директорката Елена Петрова таму веќе постојат неколку дигитални сервиси како е-даноци, е-фактури и во план е редизајнирање на деловните процеси и нивно автоматизирање и дигитализирање што треба да го промени начинот на наплатата, собирањето на даноците и да го промени сегашниот традиционален начин на функционирање на УЈП како даночна администрација.
-Од аспект на собирањето на даночните приходи тоа ќе значи дека податоците во УЈП нема да стигнуваат како историски податоци по завршувањето на даночниот период туку податоците ќе бидат достапни во реално време, кога ќе се случат оданочените деловни трансакции и со тоа УЈП ќе може да има директен и во реално време пристап и да ги следи сите отстапување во пресметувањето на даночните обврски и да овозможи во реално време да се собира точниот износ на данок, односно да се собираат точните даночни приходи, нагласи Петрова.
Услугите ќе бидат подостапни до граѓаните и наместо да ги добиваат од шалтери преку персонализирани контакти со даночни службеници и да бидат изложени на ризици од корупција, електронските системи ќе овозможат повисоки стандарди и квалитет на услугите што УЈП треба да ги испорачува кон даночните обврзници.
-Достапноста на податоците во системите на УЈП во реално време која ќе се овозможи преку дигитализацијата ќе овозможи брзо справување со сите вакви форми кои може да се движат од ненамерни грешки, до свесни и намерни злоупотреби и даночни измами, нагласи Петрова.
Во дигиталната транформација предизвик е информатичкиот кадар кој ќе биде задолжен за изработката на современи софтверски решенија, за нивно надградување, одржување и обезбедување на заштита од евентуални сајбер-напади и други манипулации во системите. Но софтверските инженери вешто го избегнуваат јавниот сектор во Македонија пред се поради ниските плати за разлика од приватниот сектор и од странските компании кои повисоко го валоризираат нивниот труд и знаење.
-Македонија има фанастичен технолошки кадар кој студираат на македонските факултети, а има и во странство. Точно е дека треба да најдеме начин да ги мотивираме повеќе да му помогнат на државниот сектор, но тоа нема да биде само платата. Платата ќе биде многу силна компонента од тоа, но тука се и дополнителни обуки, напредок во кариера, завршување на мастер студии на полето на сајбер безбедност, поттикнување на приватниот сектор да му помогне на државниот во смисла на патриотизам, на еден модерен патриотизам, на јавни повици, хекатони во кои приватниот сектор ќе развива решенија за јавниот сектор. Ова не смее да биде ориентирано кон проекти и тендери, туку кон долгорочна соработка меѓу приватниот сектор, бизнис заедницата, граѓаните и акадамската заедница која го креира овој кадар, потенцираше министерот Андоновски.
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) е една од високообразовните институции која останува посветена на изградба на квалитетен кадар кој ќе биде вклучен во компаниите кои ќе работат софтверски решенија за надвор и за Македонија, но за жал, реалноста е дека студентите уште пред дипломирањето наоѓаат добро платена работа и неретко заминуваат во странство или работат за странски компании.
-Факултетите и сите останати високообразовни институции кои образуваат кадар од оваа област би биле на располагање и сме посветени и натаму да го пополнуваме тој јаз. Голем број на студенти се запишуваат, а дипломираат околу 40 проценти, меѓутоа голем дел од нив наоѓаат работа и пред да дипломираат и се вклучуваат на пазарот на труд. Индустријата и пазарот на труд е навистина алчен за квалитетни инжинери и се бараат се повеќе и повеќе. Една од стратешките определби на државата е да се развива во насока на унапредување на овие вештини и градење на капацитети за да може да се изградат вакви дигитални решенија за дигитална трансформација на државата, рече Јакимовски.
Во наредниот период ќе престои според министерот за дигитална трансформација ќе престои поврзување на Единствениот систем на јавни набавки со Регистарот на вработени во јавниот сектор, Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи, Катастарот, Централниот регистар, Регистарот на население и сите други неопходни системи, кој автоматски ќе идентификува, пријавува и ќе објавува за судир на интереси и ризици од корупција особено при јавните набавки.
Министерот за дигитална трансформација апелираше и за искористување на огромните можности кои за граѓаните и за компаниите ги нуди владиниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk наместо секоја институција да има свој портал, како УЈП, Фонд за здравство, Централен регистар… или секоја општина, овој еден портал, рече Андоновски, „треба да биде унификатор на услугите на Владата/државата кон секој граѓанин“ односно „еден вид единствен унифициран едношалтерски систем“.