
Политичка бура во Австрија, Европскиот суд ја стопира депортацијата на Сириец
Европскиот суд за човекови права повторно ја блокира депортацијата на еден осуден сириски државјанин од Австрија, барајќи дополнителни информации за неговата безбедност. Одлуката предизвика жестоки политички реакции, при што и власта и опозицијата го критикуваат судот, но од различни позиции, додека прашањето ја отвора и пошироката европска дилема околу враќањето на мигранти во земји што сè уште се сметаат за небезбедни.
Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур повторно го продолжи привремениот прекин на депортацијата на еден сириски државјанин од Австрија, што предизвика нови политички полемики во земјата. Одлуката на Европскиот суд го врати во фокус прашањето за тоа колку националните институции можат да спроведуваат безбедносни и миграциски политики во услови кога постои супранационална судска контрола. Во конкретниот случај станува збор за млад човек од Сирија, стар 25 години, кој во Австрија бил осуден за кражба, грабеж и прикривање на документи. Австриското Министерство за внатрешни работи веќе подолго време се обидува да ја реализира неговата депортација, но Европскиот суд повторно ја блокира постапката, барајќи дополнителни информации за ризиците со кои тој би се соочил во својата матична земја. Одлуката беше донесена во момент кога и претходна депортација во Сирија заврши со контроверзии, бидејќи лицето што беше вратено таму не може веќе да се контактира.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Политичките реакции во Австрија
Случајот предизвика жестока размена на ставови меѓу политичките партии. Од редовите на слободарската партија (ФПО) упатија критики кон министерот за внатрешни работи Герд Карнер, кого го обвинија дека неговата таканаречена стратегија за азил е само ПР кампања без реални резултати. Според нив, судската одлука покажува дека владата нема јасен план како да се справи со лицата (мигранти) кои извршиле кривични дела, а сепак уживаат заштита од депортација. Генералниот секретар на ФПО Михаел Шнедлиц изјави дека државата мора да покаже поцврст став и да не дозволи криминалците да се повикуваат на човекови права како засолниште од одговорност.
Од друга страна, народната партија (ОВП) ја бранеше позицијата на министерот. Нивниот генерален секретар Нико Маркети нагласи дека секоја депортација се врши врз основа на законски и судски постапки, а не според политички нарачки. Тој додаде дека иако Европскиот суд има право да наложува привремени мерки, тоа не значи дека Австрија ќе се откаже од намерата да ги спроведува своите политики за безбедност и миграции. Сепак, и двете партии беа единствени во критиката кон судот во Стразбур, кој според нив се оддалечил од реалноста со која се соочуваат земјите членки на Унијата.
Депортацијата како пошироко европско прашање
Одлуката на судот не е значајна само за Австрија, туку и за пошироката европска дебата околу враќањето на мигранти во земји кои сè уште се сметаат за небезбедни. Австрија досега е единствената членка на Европската Унија која спровела депортација кон Сирија по падот на режимот на Башар ал Асад, иако слични дискусии се водат и во Германија и во Шведска. Во овие држави растат барањата за поцврсти мерки кон лицата што се поврзуваат со криминални активности или безбедносни ризици. Прашањето е дополнително актуелизирано откако Австрија неодамна организираше и присилна депортација во Сомалија, прва по дваесет години.
Австриското Министерство за внатрешни работи официјално соопшти дека ја примило одлуката на Европскиот суд и ја прифаќа како дел од вообичаената правна практика. Сепак, институциите и понатаму остануваат на ставот дека сите подготовки за што побрза реализација на депортацијата се во сила. За многумина, ваквата двојна позиција е показател за судирот меѓу правната обврска и политичката агенда, особено кога станува збор за прашања што ги допираат чувствителните теми на човековите права и националната безбедност.