Автобуски постројки во Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Автобуски постојки во Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Под проѕирните настрешници на станиците, автобус на плус 40 се чека како под вршник

Повеќето постојки навидум се уредени, имаат клупи и настрешници за да ги заштитат граѓаните што чекаат автобус од дожд, но никој не се сетил дека проѕирните покриви на станиците не штитат од сонце и со години наназад, иако температурите секое лето се сѐ повисоки, не се направи обид овие настрешници да се заменат со други, кои ќе овозможат сенка над главите на граѓаните.

Летото ги подиспразни скопските улици затоа што голем број граѓани во овој период ги користат годишните одмори што значи помалку автомобили по улиците, побрз проток на сообраќај и помал метеж во јавниот превоз.

Во услови кога учениците и студентите не користат редовно автобуси како во текот на учебната година, а бројот на патници е значително намален поради одморите, ваквата состојба е очекувана. Иако и ЈСП возат по летна шема и со помал број возила, сепак видливо е дека во автобусите порелаксирано се патува.

Автобуски постројки во Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Автобуски постојки во Скопје – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Сепак, проблемите поврзани со јавниот превоз, со кои се соочуваат скопјани кога температурата на воздухот достигнува 40 степени над нулата, и годинава се нерешливи. Намалениот број автобуси во сообраќајот, во услови кога ги има недоволно дури и кога возат со полн капацитет, значи и подолго чекање по автобуските станици низ Скопје на пеколното сонце, затоа што ретко која постојка нуди пристојни услови и сенка каде што луѓето можат да се засолнат додека чекаат автобус.

Автобуски постројки во Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Автобуски постојки во Скопје – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Повеќето постојки навидум се уредени, имаат клупи и настрешници за да ги заштитат граѓаните што чекаат автобус од дожд, но никој не се сетил дека проѕирните покриви на станиците не штитат од сонце и со години наназад, иако поради промената на климата температурите секое лето се сѐ повисоки, не се направи обид овие настрешници да се заменат со други, кои ќе овозможат сенка над главите на граѓаните.

Автобуски постројки во Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Автобуски постојки во Скопје – Фото Слободен печат – Методи Здравев

И додека луѓето речиси колабираат на жештините во очекување автобус, а спас од сонцето бараат под дрвјата, под услов да ги има во близина, под билборди или под кој било објект каде можат да се засолнат, од ЈСП „Скопје“ со години молчат и не преземаат ништо да се реши проблемот.

Чекав автобус кај Зелено пазарче повеќе од половина час на враќање од работа. Автобусите се поретки од вообичаено, а чекањето е измачување на овие жештини. Нема човек каде да се скрие од сонцето. За нас повозрасните е голем проблем, ако се тргнам настрана под сенка може да ми избега автобусот, зашто не знаете колку накратко застануваат особено ако има малку патници што чекаат. Изумревме на сонцето. Ај што ЈСП и Градот не можат да набават нови автобуси, ама можат барем нормален покрив на станиците да стават. Толку да не се мислело за луѓето, стварно не ми е јасно. А нели, за нас постојат, јавниот превоз нам треба да ни служи, а не да се малтретираме постојано. Де нема автобуси, де гужва, нема клима, на станица да „цркне“ човек од жештина. Ужас невиден – се пожали скопјанка со која поразговаравме додека чекаше автобус.

Уште поголем проблем се станиците, на кои нема никаква опрема, какви што се повеќето во должина на булеварот Борис Трајковски, каде што граѓаните не можат да се засолнат ниту кога врне ниту кога грее сонце.

Во некои од приградските населби, пак, веројатно само мештаните знаат каде се наоѓаат некои од автобуските станици, затоа што нема буквално никакви ознаки каде луѓето треба да чекаат автобус. Таква е, на пример, автобуската во населбата Припор на улицата Христо Татарчев во насока кон Кисела Вода, каде што автобусот на линија 58 се чека во кал или прашина, во зависност од временските услови.

Автобуска станица во Припор- Фото: Слободен печат

Друг проблем со кој секое лето се соочуваат граѓаните што редовно користат градски превоз се неклиматизираните автобуси, но и обратно, оние во кои климата е пуштена на најјако, па излегувањето надвор од автобусот на високите температури е ризично за здравјето.

Продолжуваат проблемите со превозот: Автобусите се нечисти и без клими, а контролорите дрски, се жалат граѓаните

Всушност, состојбата во автобусите зависи од возачите. Едни штедат, па не пуштаат клима, како што најчесто се случува во приватните автобуси, па патниците се возат како во вжештени конзерви, додека во двокатните автобуси на ЈСП, онаму каде што клима-уредите сѐ уште функционираат, студениот воздух наместо само да разлади, ги смрзнува патниците.

Автобуски постројки во Скопје - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Автобуски постројки во Скопје – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Дека никој не се грижи за условите во јавниот превоз и за условите во кои се чекаат автобусите, граѓаните многупати досега се уверија. Со години наназад ја поминуваат истата мака во надеж дека некое градско раководство и менаџмент на јавното сообраќајно претпријатие ќе им обезбедат превоз каков што заслужуваат и за кој редовно плаќаат. Досега тоа не се случило.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот