Собраниска седница / Фото: Слободен Печат - Драган Митрески

Почнува собраниската дебата за Предлог-буџетот, поднесени над 250 амандмани

Во Собранието денеска треба да почне расправата за Предлог-буџетот за 2023 година. За него ќе расправа матичната Комисија за финансирање и буџет.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите се на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.

Економскиот раст на домашната економија е проектиран на 2,9 проценти, а стапката на инфлација 7,1 процент.

Предлог-буџетот е изготвен согласно новиот Закон за буџети и со него треба да се одржи економскиот раст, да се извршат редовно сите обврски на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси на земјата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува голем интерес за дискусија. Во изјава за МИА, тој вчера посочи дека инклузивноста е секогаш добредојдена за да се соочат аргументите „за” и „против” и да се избере најдоброто.

За Предлог-буџетот се поднесени 263 амандмани од сите политички партии од кои околу 200 се од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојаноски вчера изјави дека интересот е особено голем и дека очекува плодна расправа.

Двата најголеми синдикати во земјава – Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати ги повикаа пратениците да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард. Изразија загриженост што има предвидено незначителни средства за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и тоа само за оние категории за кои со порастот на минималната плата идната година, нивните плати ќе останат под неа, а нема предвидено скоро никакви средства за исплата на надоместици и додатоци на плата утврдени со закон и колективните договори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот