
Почна новата грејна сезона: До 15 ноември топло или ладно парно во зависност од надворешните температури
Потрошувачите пред да пријават дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, можат на интернет-страницата на ЕСМ Снабдување да проверат дали нивната зграда се наоѓа на списокот на исклучени објекти и поради што.
Млаки радијатори во домовите на повеќе од 60 илјади скопјани што се греат на парно го означија официјалниот почеток на новата грејна сезона. Сепак, без греење денеска останаа 96 објекти каде што навреме не биле отстранети дефектите на внатрешната инсталација или проблеми во потстаницата.
Препорачано
Од ЕСМ денеска потсетија на правилата за испорака на топлинска енергија до потрошувачите и одново апелираа до нив што побрзо да ги отстранат проблемите за да имаат греење.
Според правилникот, испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши во периодот од 6 часот до 22 часот, како што велат, по строго утврдени правила, во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Според овие правила, во октомври и во првата половина од ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот.
Доколку надворешните температури се пониски, се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови во согласност со стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците. При точно дефинирани одредени атмосферски услови кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности по направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури ќе се под одредени гранични вредности се стартува со испорака на топлинска енергија, т.е. централното греење повторно се вклучува – објаснуваат од ЕСМ.
Оттаму тврдат дека оваа година споредено со претходните години има најмалку затворени објекти на почетокот на грејната сезона, што според нив се должи на соработката на потрошувачите и на заедниците на сопственици и на заложбата на новите раководства на компаниите на АД ЕСМ.
Додека минатата грејна сезона во 225 објекти не беа обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, оваа година тој број е двојно помал, односно во 96 објекти сè уште не се обезбедени услови за испорака. Од нив, во 57 објекти има дефекти во внатрешната инсталација, во 20 објекти нема пристап до топлинските станици, а во 19 објекти топлинските станици немаат електрично напојување. Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија. Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација – посочија од компанијата.
Потрошувачите пред да пријават дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, можат на интернет-страницата на ЕСМ Снабдување да проверат дали нивната зграда се наоѓа на листата на исклучени објекти и поради што.
За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.
Доколку денеска се пушти парно, 170 објекти во Скопје ќе останат без греење