Фото: Влада на РСМ

Почна изградбата на „Магна мехатроникс“ во ТИРЗ Штип

Со оваа инвестиција се обезбедува право на пристоен живот за најмалку б00 наши граѓани од Источниот регион со за 20 отсто повисоки плати од државниот просек

Со фрлање лопата земја денеска во Штип симболично беше означен почетокот на градежните работи за инвестицискиот проект на компанијата „Магна мехатроникс“ во Технолошко индустриската развојна зона – Штип. Инвестицијата е во вредност од 40 милиони евра и според најавите првично ќе се вработат 600 лица. Во фабриката ќе се произведуваат електромеханички делови за автомобили. Канадската компанија „Магна интернационал“ веќе има отворено објект во Струга за креирање и склопување ретровизори.

Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека сè повеќе инвеститори ја ставаат Македонија на својата мапа, а бројот на вработени во ТИРЗ во април повторно бележи раст и достигна 16.700 лица. Ковачевски потсети дека „Магна интернационал“ е една од најреномираните светски компании, која е специјализирана да дизајнира, да развива и да произведува автомобилски системи, модули и компоненти што се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот. Таа сега го проширува опсегот на работа на компанијата со нов инвестициски проект, покрај фабриката во ТИРЗ Струга.

– Тоа е за 15 отсто повеќе од април 2022, односно 20 отсто повеќе од 2021 година. Само од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се вработени речиси 500 наши сограѓани, а за една година или помалку ним ќе им се придружат уште 600 граѓани од Источниот регион во новата фабрика на „Магна интернационал“. Само во април, компаниите во ТИРЗ реализирале извоз од 277 милиони евра што е за 12 отсто повеќе, споредено со април минатата година – рече Ковачевски.

Фото: Влада на РСМ

На настанот се обрати и потпретседателот на компанијата „Магна интернационал“ Дејвид Креспи, кој изрази благодарност за поддршката што им ја дава Владата. Креспи нагласи дека остануваат посветени на истражување дополнителни можности за раст.

За директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, со оваа инвестиција се обезбедува право на пристоен живот за најмалку б00 наши сограѓани од овој регион со плати 20 отсто над државниот просек.

– Ова е пример и вистински модел на соработка на одговорни политичари и институции, преку кои покажуваме дека може да испорачаме конкретни резултати за граѓаните – рече Деспотовски, изразувајќи благодарност и до тимот на ТИРЗ и до градоначалникот на Штип Иван Јорданов за поддршката на проектот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот