Почна и веднаш се одложи судењето за напад од омраза врз Христијан Пендиков

Само што почна и веднаш се одложи првото рочиште во Основниот суд Охрид во кое на обвинетиот Илија Спасевски му се суди за напад од омраза врз охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети“.

Бранителите на Спасевски побараа, а судот го прифати барањето да им се достават доказите против Спасевки, од што ќе зависи неговото произнесување во врска со обвинението.

Во врска со барањето на обвинителстото да сведочи и нападнатиот Пендиков, кој во моментот е во Бугарија, обвинителите рекоа дека не се знае кога тој ќе може да присуствува.

– Не знаеме кога ќе може да присуствува Пендиков поради медицински причини, се зависи од рочиштето – исткакнаа обвинителите.

Следното рочиште е закажано за 5 април.

Судскиот процес го води судијата Бојан Мартиноски, а на напаѓачот ќе му се суди за крвично дело напад од омраза со тешки повреди.

Основното јавно обвинителство – Охрид за нападот врз Пендиков поднесе обвинение против две лица. Едниот обвинет досега се бранеше со молчење и како што информираа претходно од Обвинителството, тој се товари за кривичното дело по увид во надзорните камери и изјави на сведоци. Вториот обвинет, пак, кој беше во бегство, беше приведен минатата недела во Битола.

Првоуапсениот Илија Спасески беше уапсен неколку дена по нападот врз Пендиков. На 22 февруари тој беше пуштен од притвор, а истиот ден беше приведен вториот напаѓач на Пендиков, битолчанецот Б.А. Судот привремено му го одзеде пасошот за да не може да ја напушти државата. Според обвинителството, делото е извршено од омраза поради национална и етничката припадност.

Двете лица се обвинети дека го претепале секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков вечерта на 19 јануари во центарот на Охрид на паркинг близу угостителски објект, во кој прво имало вербална пресметка помеѓу нив.

„Обвинетиот, заедно со уште едно до овој момент непознато лице, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно повредиле еден оштетен. На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди“, соопшти охридското обвинителство.

Следниот ден на 20 јануари, претседателот Румен Радев со владин авион на Бугарија организираше транспорт на повредениот Пендиков и неговата мајка до државната клиника во Софија.

Инаку, бугарските власти сѐ уште не одговориле на барањето од охридското Основно јавно обвинителство да ја добие адресата на која престојува охриѓанецот Пендиков за да може да го повикаат на распит за случајот со неговото претепување.

„Основното јавно обвинителство Охрид, преку инструментот за меѓународна правна помош, упати барање до бугарските власти за да ја обезбеди адресата на која престојува оштетениот. Одговорот на барањето сѐ уште се очекува. Обвинителството има потреба од оштетениот во рамките на постапката која се води против второто осомничено лице“, велат од Јавното обвинителство за „Слободен печат“.

Од Овинителството додаваат дека постапката може да се води и без неговиот исказ, односно врз основа на другите обезбедени докази, но, сметаат дека оштетениот има правен интерес да се вклучи во постапката со цел побрзо и поефикасно прибирање на доказите.

Според процедурите, Пендиков би требало да изврши препознавање на напаѓачите. За да му достави покана на Пендиков, охридското обвинителство преку бугарските власти се обиде да ја обезбеди адресата на неговото сегашно престојувалиште.

„За правилно утврдување на фактичката состојба ќе биде неопходно и оштетениот да учествува во постапката пред обвинителството во својство на сведок“, појаснуваат од обвинителството по испраќањето на барањето до бугарските власти.

Во меѓувреме, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека Пендиков може да одговара за навредите и обвинувањата упатени кон Македонија и Македонците, а главната улога за тоа ја има Обвинителството.

Маричиќ рече дека Пендиков ќе треба да ги докаже своите тврдења дека Бугарите во Македонија се малтретирани.

– За обвинувањата и навредите кон Македонија, може да се одговара кривично. Би го повикал Обвинителството, исто како што сме го повикале и во најновите случаи сега, секаде каде што има говор на омраза, омаловажување на нашиот народ и на достоинството, да си ја сработи својата работа. Пендиков не треба да биде исклучок – рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!