
По откорнатите споменични плочи, на мостот „Око“ настрада и стаклената подлога
Град Скопје како надлежни за одржување на мостот „Око“ велат дека се запознаени со овој случај на вандализам, а поправката на плочите е во фаза на подготовки бидејќи, како што велат, станува збор за сериозен и специфичен зафат, но засега тврдат дека оштетените плочи се надвор од животозагрозувачка опасност за минувачите.
Стаклената потпора на еден од најфреквентните премини во центарот на Скопје, пешачкиот Мост на цивилизациите попознат како мостот „Око“, веќе со недели е на неколку места искршена, напукната и оштетена, загрижувајќи ги граѓаните што секојдневно одовде пешачат преку реката Вардар, а нив ги има стотици.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

Штетите се видливи за окото на минувачите и на туристите, а дел од луѓето веројатно се исплашени и поради состојбата во која се ноаѓаат овие стаклени плочи, па неретко избегнуваат минување преку овој пешачки мост и бараат алтернативни решенија.
Плочите се огромни, со зеленикава боја и ги има околу десетина, но речиси половина од нив се со поголеми или помали пукнатини, кои доколку би попуштиле, би следел целосен колапс на овој прв слој од подлогата на мостот.
„Слободен печат“ прати прашања до Град Скопје како надлежни за одржување на мостот „Око“ и оттаму ни одговорија дека се запознаени со оваа ситуација, која според нив е последица од вандализам, а поправката на плочите е во фаза на подготовки бидејќи, како што велат, станува збор за сериозен и специфичен зафат.

– Во врска со оштетените стаклени плочи на мостот „Око“, вандализмот е пријавен во МВР и сè уште се чека одговор од нивна страна. Се изготвува техничка спецификација во согласност со проектната документација за замена за стаклените плочи, чија изведба е специфична – одговорија од Градот за „Слободен печат“.
Исто така, на нашето прашање дали е извршен надзор од Градот за моменталната сигурност на овие испукани стаклени плочки, добивме одговор дека овие пукнатини не се опасни за минувачите.
– Воедно ве известуваме дека стручни лица констатираа дека пукнатините не се опасни за пешаци – информираат од Град Скопје.
За жал, не е првпат овој мост да биде мета на вандализам и оштетувања од несовесните граѓани. Заедно со Мостот на уметноста, овие премини со години се редовна мета на различни видови оштетувања, кои се последица на вандализмот. Исчкртани описни плочи и споменици, оштетени огради, откорнати метални плочи со имињата на личностите по кои се направени десетиците монументи се проблемите на овие места во последните неколку години.

Оштетените и исчкртани скулптури на Мостот на уметноста и на мостот „Око“ во центарот на градот од година во година сè повеќе „зеленеат“ и ги менуваат боите, а повеќе од две години се и безимени, откако плочите со нивните имиња наеднаш почнаа да исчезнуваат. Но, од Град Скопје освен потврда дека се запознаени со оваа ситуација, сè уште нема конкретна реакција за почеток на чистење и целосна реставрација на спомениците или обнова на повеќе од 50-те откорнати метални плочи.
Мостовите се туристичка атракција за странците што го посетуваат главниот град, но без нивните плочи, и самите македонски граѓани не можат да препознаат дел од личностите за кои се направени овие скулптури. Овие мостови се изградени како дел од проектот „Скопје 2014“, со кој целосно се смени изгледот на градскиот центар.

Според податоците од јавен карактер, за овие мостови од Буџетот биле одвоени вкупно 76 милиони денари, или околу 1,1 милион евра.
Мостот на цивилизациите, на кој има 32 скулптури на личности од антиката што оставиле белег на овие простори, го олеснил Буџетот за околу 640.000 евра. На овој мост можат да се забележат скулптури од Пердика Први, Александар Први Филхелен, Аминта Трети, Свети Гаврил Лесновски, Јоаким Осоговски, Свети Прохор Пчињски и многу други.
За жал, денес, на никоја од 32-те поставени скулптури на овој мост веќе нема плоча, што го прави нивниот идентитет вистинска мистерија за оние туристи што без водич ја истражуваат македонската култура и историја.

„Слободен печат“ неколкупати поставуваше прашања до Град Скопје во изминатите неколку години и ги потенцираше проблемите што ги имаат пешачките мостови, особено мостот „Око“, но никогаш не доби одговор зошто не се обновува, дали се најдени виновниците за овој вандалски чин, сè досега, кога навистина зачудувачки од Градот за првпат добивме некаков одговор. Оттаму посочија дека случајот со украдените метални плочи е пријавен во полицијата, од каде се чека одговор за тоа дали плочите се пронајдени или ќе биде потребно да се направат и постават нови.
– Во врска со украдените плочки со имиња на уметници на мостот „Око“ и Мостот на уметноста и вандализирање на оградата, ве известуваме дека случајот е пријавен во МВР и сè уште нема одговор од нив, дали се пронајдени или потребно е да се изработат нови. Недозволиво е во строгиот центар на градот да има толку вандалски чинови – информираат од Град Скопје.
Веќе две години ситуацијата со скулптурите е иста, како што е и надлежноста за реставрација и одржување на спомениците и нивните плочи, а сега и за промената на оштетените стаклени подлоги на пешачката патека, која ја има Град Скопје.

Граѓаните се надеваат дека што побрзо ќе биде санирана и променета оштетената стаклена подлога на мостот „Око“, а несомнено е дека од огромна важност е обновата и поставувањето нови метални плочи на повеќе од 50 скулптури, кои долго време се оставени „анонимни“ за окото на туристите и на минувачите.