Трамп ги поздрави мировниот договор меѓу Конго и Руанда/Фото: EPA/YURI GRIPAS / POOL EPA/YURI GRIPAS / POOL

По 30 години војна, Конго и Руанда потпишаа мировен договор со посредство на САД

Демократска Република Конго и Руанда во петокот потпишаа мировен договор, посредуван од САД, со цел да се стави крај на војната во источна ДРК, во која загинаа илјадници луѓе.

Договорот се базира на Декларацијата за принципи усвоена од двете земји во април и вклучува мерки за „обезбедување територијален интегритет и прекин на непријателствата“ во источен Конго , по неодамнешните напади од страна на вооруженото движење М23.

На церемонијата на потпишување на договорот во Вашингтон присуствуваа министрите за надворешни работи на Демократска Република Конго и Руанда, Тереза ​​Кајкуамба Вагнер и Оливие Духунгирече, како и нивниот американски колега Марко Рубио.

„Ова е значаен момент, по триесет години војна“, нагласи Рубио, забележувајќи, сепак, дека „уште многу треба да се направи“.

Договорот „се заснова на обврска за неповратно прекинување на поддршката за Демократските сили за ослободување на Руанда (FDLR, вооружена група Хуту што дејствува во источна ДРК) и милициите поврзани со нив“, рече Духунгирече.

Советникот на претседателот Трамп за Африка, Масад Булос, рече дека Кигали е посветен на „укинување на одбранбените мерки“ што ги има во сила, иако договорот не ја споменува конкретно групата М23.

Мировниот договор „е само почеток, а не крај“, рече министерот за надворешни работи на ДРК.

Двајцата министри подоцна ќе бea примени во Белата куќа од претседателот Доналд Трамп, кој претходно го поздрави потпишувањето на договорот. „Знаете, тие се борат со години. И имаше мачети. Беше насилно. А денес потпишуваме мировен договор. За прв пат по многу години, тие ќе доживеат мир. Тоа е голема работа“, увери тој.

Договорот постигнат од претставниците на двете земји, по тридневен „конструктивен дијалог“ во главниот град на САД, вклучува мерки за разоружување на организациите и условна интеграција на нивните членови, како и „заеднички координативен механизам за безбедносни прашања“. Руанда мора да ги повлече своите војници (проценети на 7.000) од ДРК во рок од 90 дена.

Катар, исто така, посредуваше во мировен договор и кон средината на март ги пречека претседателите на ДРК, Феликс Чисекеди, и Руанда, Пол Кагаме. Двајцата лидери може да бидат примени од Трамп во јули.

Извор за АФП изјави дека Вашингтон ги води преговорите меѓу владите на Руанда и ДРК, додека Катар посредуваше меѓу Киншаса и групата М23. Вооружената група, која е воено поддржана од Руанда – според експертите на ОН и САД – ги зазеде главните градови Гома и Букаву во зима во молскавична офанзива во која загинаа илјадници луѓе.

Источна ДРК е регион богат со минерали, но е уништен од војна и конфликт веќе 30 години. Прекинот на огнот беше прекршен во 2021 година кога М23 повторно се вооружи, а борбите раселија стотици илјади луѓе, предизвикувајќи голема хуманитарна криза.

Руанда негира дека ја поддржува М23, но вели дека нејзината безбедност е загрозена од вооружени групи, особено ФДЛР, организација формирана од поранешни лидери на Хуту поврзани со геноцидот во 1994 година.

Малку детали беа објавени за финансиската страна на договорот. Сепак, претходно, Трамп рече дека САД ќе добијат „права за рударство“ во Демократска Република Конго, најголемиот светски производител на кобалт и се проценува дека поседува 60% од светските резерви на танталит, минерал клучен за електронската индустрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот