жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Плескавици, колбаси и многу риби

Во свет во кој има војна во Европа, бегалци кои умираат во Газа, раст на сите цени, пред сѐ на храната, конфликти и напнатости – да не ја спомнувам војната со тарифи и на американскиот претседател Доналд Трамп, Брегзитот не е веќе семе на раздор и големи тензии како порано.

Уааа, предавници, извикуваа (некои и буквално, не само написмено) по договорот кој беше потпишан (не во собата на Черчил) во Ланкастер хаус, по повеќемесечни подготовки и преговори за потесна соработка. Бравоо, беше крајно време да се ресетираат односите со најблиските соседи и проверени партнери, извикуваа други, кои тврдеа дека од договорот ќе има корист народот и дека мошне брзо ќе се видат придобивките.

И сето ова поради договорот меѓу Обединетото кралство и Европската Унија за зајакнување на врските, олеснување на трговијата и соработката во разни области. Да, да, онаа Европска Унија која земјата пред десеттина години ја напушти за да ѝ биде подобро, ама излезе дека не е баш така и дека трговијата, врските и соработката кои се напуштија, сега макотрпно треба да се вратат. Добро, некои од нив, по долги преговори и мала пауза на конечниот ден (поради тоа што преговарачите сакаа да ја следат инаугурацијата на новиот Папа). И така, речиси во минута да дванаесет се случија отстапки и компромиси и конечно во Ланкастер Хаус се потпиша договор.

Што е договорот?

До сега, однесувањето на едната страна, Европската Унија по Брегзитот беше на некој начин справување со штетите од британската одлука. Ова е прв пат двете страни да седнат заедно и да создадат таканаречена „вин-вин“ ситуација, во корист на сите и патоказ за тоа како тие ќе можат да напредуваат. Но треба да се истакне дека листата е прилично долга, зашто многу прашања и понатаму ќе бидат отворени и ќе треба работа да се затворат, или барем санираат. Или поедноставно кажано, нема да биде можно враќање на состојбите пред 2016 кога се случи референдумот и ќе треба време да се санираат „штетите“ во односите и трговијата и соработката меѓу ЕУ и ЈуКеј. Така, договорот кој беше потпишан му доаѓа некако како „писмо за намери“ – да се продолжи пристапот на европските рибарски бродови во британските води, да се намалат црвените ленти за извоз на британски плескавици и колбаси во ЕУ без долги и скапи контроли и пополнување стотици формулари, да се обезбеди работа на професионални Британци (архитекти, лекари, музичари итн.) во земји на Унијата, младите да можат полесно и поевтино да студираат (враќање на европскиот Еразмус проект) и – последно, но и прво и најважно – да се продлабочи и обнови соработката во одбраната и безбедноста.

Како нешто што ќе биде психолошки позитивно, да можат Британците на граница да поминуваат брзо и безболно, заедно со остатокот на граѓаните на ЕУ, а не како досега да чекаат во редици заедно со „остатокот на светот“.

Ресетирање на Брегзитот

И покрај деталите кои допрва ќе треба да се прецизираат и доработат, а некои ќе зависат и од парламентите на секоја земја поединечно, овој договор по девет години почнува вистински да ги ресетира британско-европските односи. Помала работа е тоа што создава незадоволство кај креаторите на брегзитот, Конзервативната партија и бившата УКИП, сегашна Реформ на Најџел Фараж, како и на сите оние на кои имиграцијата – законска и незаконска- им е голем трн во ногата, окото, срцето и други внатрешни и надворешни органи. „А да почекавме уште малку, можеби работите ќе тргнеа на подобро“, упорни се тврдокорните брегзитџии – „ете, потпишавме договор со Соединетите држави и Индија (друг важен договор тука не се спомнува), па кај и да се, ќе тргнат работите и конечно ќе се види некој аир од Брегзитот. Кој, и да замижеме и да се концентрираме и да ѕиркаме скришум со едно око, не се гледа. Аирот од Брегзитот.

Во свет во кој има војна во Европа, бегалци кои умираат во Газа, раст на сите цени, пред сѐ на храната, конфликти и напнатости – да не ја спомнувам војната со тарифи и на американскиот претседател Доналд Трамп кој се натпреварува што повеќе да ги закомпликува меѓународните односи (додека го пишувам овој текст, на вестите на Би-би-си слушам како решил да воведе 50% царини за ЕУ, зашто го изнервирале Европејците оти многу се мислеле), Брегзитот не е веќе семе на раздор и големи тензии како порано. Многумина сметаат дека кога ќе почнат да се чувствуваат позитивните ефекти од овој договор, тогаш постојат големи шанси приближувањето и ресетирањето да продолжат. Се покажа дека ниту Обединетото кралство не може без ЕУ (најголем трговски и секаков друг партнер на еден час преку каналот – со авион, со брод), ниту ЕУ може без ЈуКеј. И покрај тоа што многумина во Брисел ќе ви кажат дека Британците секогаш сакале да бидат посебни, често пати инаетчии, и дека секогаш сакаат да е по нивно. Па од таков партнер, некогаш може и да се научи нешто корисно. А „таквиот партнер“ може да сфати дека е повеќе Европеец отколку што сака да признае.

Писма од Лондон

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот