
Петмина од новоосомничените полицајци биле во пензија
Петмина од новите седум осомничени полицајци биле во пензија, додека пак двајца биле во активен работен однос со Министерството за внатрешни работи, потврдуваат за „Слободен печат“ извори во Министерството за внатрешни работи за проширувањето на истрагата за пожарот во Кочани. На тројца од претходно приведените полицајци им се ставаат на товар и плус кривични дела, а Министерството за внатрешни работи се уште трага еден од новите осомничени.
Препорачано
Сите тие се товарат за дела од 2012 до 2022 година, а не за дела кои ги сториле кобната вечер кога се случи пожарот во дискотеката „Пулс“ и загинаа 61 лице.
-Според описот содржан во наредбата за спроведување истражна постапка, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови – соопшти Обвинителството.