Пензионери / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Пензионерите догодина ќе имаат 211 милиони евра повеќе в џеб

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување го скрои буџетот за 2026-та. Според регулативата што сега е е актуелна, за априлското зголемување во наредната година може да се очекува линеарно зголемување, додека септемвриското треба да биде процентуално. Во меѓувреме, пензијата што треба да се исплати на 1 октомври ќе биде зголемена за 1.000 денари на секој пензионер.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување предвидува поголем буџет за 13 милијарди денари, или околу 211,4 милиони евра за наредната година. Институциите веќе ги подготвуваат буџетските барања кои треба да бидат доставени до Министерството за финансии за да се скрои државната каса за 2026 година. Управниот одбор на Фондот на ПИОСМ на својата последна седница го усвои Предлогот на буџетското барање. Образложението за зголемениот износ е „предвиденото зголемување на пензиите во април и септември следната година, а што е согласно Законот за ПИО“. Според регулативата што сега е е актуелна, за априлското зголемување во наредната година може да се очекува линеарно зголемување, додека септемвриското треба да биде процентуално. Во меѓувреме, пензијата што треба да се исплати на 1 октомври ќе биде зголемена за 1.000 денари на секој пензионер.

Неодамна се изгласа и измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што овозможија да има уште две линеарни зголемувања на пензиите, едно во септември годинава и едно во март наредната година. Според законските измени не се прецизираше колкав ќе биде износот, но Владата излезе со претпоставени 1.000 денари. Како што се посочува во Законот, сите видови пензии што се исплаќаат во земјава, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година ќе се усогласат на тој начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите, пресметан како збир од 50 насто на порастот на индексот на трошоците за живот и 50 насто на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број корисници на пензија што го оствариле правото на пензија заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година.

-Од предлог буџетското барање се гледа дека фокусот е ставен во обезбедувањето на финансиската стабилност на Фондот и редовната исплата на пензиите – изјави Станка Трајкова, член на Управниот одбор на Фондот на ПИОСМ.

Пензијата не е подарок

Овие паушални зголемувања од една страна се исправување на многу неправди во минатото што им биле нанесени на работниците кои без своја вина останаа без работа во процесот на приватизација, а со тоа и со недоработен пензиски стаж, но од друга страна ја урнисуваат економската компонента на пензискиот систем, кој не е социјална категорија, туку исплата на инвестираното. Но, она што е најзагрижувачко е колку државната каса може да го издржи финансирање на пензискиот систем затоа што и сега дупката е голема. Од пензиски придонес до крајот на годинава е планирано да се соберат вкупно 1,3 милијарди евра, но потребни се 2 милијарди евра, што значи дека од Буџетот ќе се дотираат 700 милиони евра.

„Пензија е право, а не подарок“, пишува во својата колумна Јадранка Мршиќ, универзитетски професор во пензија.

„Усогласувањето на пензиите претставува суштинска компонента на современите јавни пензиски системи, чија цел е да обезбеди зачувување на куповната моќ и достоинствениот животен стандард на пензионерите. Овој процес не треба да се третира како политичка привилегија или ад-хок одлука, туку како законско и трајно утврдено право, кое е во согласност со меѓународните стандарди и обврски што државата ги има преземено“, поентира Мршиќ.

Политичката одлука наспроти законот

Актуелното усогласување (без ад-хок измените што ќе важат за септември 2026 година) е преземено од Швајцарија. Според него, усогласувањето на пензиите се врши два пати годишно, на први март и на први септември.

„Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 отсто“, пишува во Законот. Регулативата објаснува и дека за мартовското усогласување се земаат податоците од второто полугодие од претходната година, а за септемвриското, податоците од првото полугодие во истата година.

Илија Николовски од Партијата на пензионери смета дека политички одлуки за зголемување на пензиите ќе донесат штета.

-Со минатогодишното усогласување пензиите два пати по 2.500 денари разликата помеѓу најмалата и највисоката пензија се намали од 1 спрема 7 на 1спрема 4,5, затоа новото линеарно усогласување нема економска и социјална оправданост. Тоа е чисто политичка одлука – вели Николовски.

Според него „не смеат да се изедначуваат оние што Фондот го полнеле значајно повеќе од оние што пријавувале минимални плати и во Фондот внесувале значајно помалку“.
Од Светска банка досега повеќе пати го коментираа пензискиот систем во Македонија и без линеарните зголемувања што ни се случија. Според нивните експерти, за одржливоста треба да се разгледува пензискиот придонес, но и возраста за пензионирање.

Во однос на регионот, Македонија има пониска стапка на пензиски придонес на бруто-плата во однос на околните земји. Нашата стапка е 18,8 проценти, во Србија е 24 проценти, во Словенија е 24,3, во Црна Гора е 20,5 проценти.

Владата формирала работно тело за анализирање на пензискиот систем

Владата формирала работно тело што ја анализира состојбата во пензискиот систем, по што треба да произлезат мерки и решенија за негова одржливост. Експертската јавност алармира дека износите што се префрлаат од централниот буџет се големи и дека соодносот меѓу бројот на вработни и бројот на пензионери е неповолен.

– Владата постојано ја следи состојбата со пензискиот систем и презема мерки насочени кон унапредување на животниот стандард на пензионерите и обезбедување стабилност на системот. Во таа насока веќе е направено законско решение за линеарно усогласување на пензиите, кое има за цел да придонесе кон намалување на јазот помеѓу најниските и просечните пензии. Дополнително, како дел од долгорочната стратегија, се работи на анализа на состојбата во пензискиот систем и врз основа на неа ќе бидат подготвени соодветни предлог-решенија. За таа цел, Владата има формирано работно тело што работи на анализа на состојбата на пензискиот систем од сите аспекти, како дел од системот на социјално осигурување. Во процесот се вклучени надлежните институции и засегнатите страни, а по завршувањето на анализата, предлозите и мерките ќе бидат транспарентно презентирани пред јавноста – изјавија од Владата за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!