проф.д-р Огнен Марина/ фото: Слободен печат

Пејзажот на градот

Сè повеќе европски градови го интегрираат правилото 3/30/300 кое гласи: секој жител гледа најмалку 3 дрвја, најмалку 30 отсто покриеност со крошните на дрвјата и секој дом се наоѓа на помалку од 300 метри до најблискиот парк или зелена површина. Како можеме да ги примениме овие искуства во Скопје?

Скопје нуди едвај 12 m² зелена површина по жител – половина од европскиот стандард и половина од законски пропишаните урбанистички параметри од 25 m² по жител. Најголем дел од парковите и зелените површини во градот се фрагментирани и слабо одржувани. Како резултат на тоа, покриеноста на територијата на градот со крошните на дрвјата е под 10 проценти, со што директно се намалува капaцитетот за намалување на загадувањето и во содејство со ефектот на топлотните острови од климатизацијата, ја поткрева температурата во градот во лето, за неверојатни +7 °C. Затоа, петтото прашање за идниот градоначалник на Скопје е: „Како ќе ја удвоите достапната зелена површина до минимумот на СЗО од 25 m² по жител и ќе ја поврзете во единствена зелена инфраструктура?“.

Скопскиот аквадукт е еден од поважните историски артефакти што го потврдуваат постоењето на Скопје како организиран урбан центар, но тивко постојат на маргините на градот и меморијата на неговите граѓани. Тој е врската помеѓу Скопје и Скопска Црна Гора, со која се доведувалa вода од падините на планината до срцето на градот – неговата Стара чаршија. Во историјата на градот, зелените оази вткаени во структурата на скопската чаршија, како и зелените дворови на бројните амами, анови и храмови, биле возможни само поради водата која пристигнувала низ овој аквадукт. Во нив, покрај логичната и практичната поврзаност, комбинацијата на зеленилото и водата имаат и една друга придобивка – создавањето уникатен пејзаж на градот. Тој пејзаж на најдобар можен начин ја илустрира поврзаноста на градот со природата, не како декоративен елемент, туку како природен поредок на нештата во градот и животот на неговите граѓани.

Овој градски пејзаж во Скопје потекнува уште од римскиот концепт на „rus in urbe“ што претставува идеја да се внесе природата во густата урбана матрица како носител на здравје, престиж и морална „рурална“ доблест. Кај станбените римски згради – домуси, овој концепт се манифестирал со перистилни дворови и градини, со дрвја, лозја и лековити растенија во комбинација со фонтани кои создавале микроклима и акустичен мир. Во поголем обем, урбаните вили и комплекси на градини ја репродуцирале идејата за идилата на вилата rustica во градски услови, комбинирајќи го личното спокојство (otium) со јавниот живот (negotium). Во античкиот Рим честа практика била да се отворат приватните зелени дворови кон јавноста, па така делови од градот биле поврзани паркови, алеи и терми со јавни простори. Така, rus in urbe не е само декор, туку уредено, продуктивно и социјално корисно зеленило и замисла за градот како култивиран пејзаж.

Во современата наука концептот на пејзажниот урбанизам, објаснет од Чарлс Валдхајм, професор на престижниот Харвард универзитет во САД, го поставува пејзажот и неговата екологија, топографија и хидрологија како примарна урбана инфраструктура. Наместо град на „објекти“, тој предлага град како „поле“ на процеси и текови, што е особено примерено за постиндустриските градови и територии. Притоа, фокусот се поместува од планирањето на фиксната урбана форма кон креирање на процеси и еден вид на просторни перформанси во време. Тоа се проекти кои се адаптираат и управуваат со природни циклуси поврзани со природата во градот, a се реализираат во време. Резултатот е градска форма што не се „црта“ еднаш, туку се управува како жив систем, каде дизајнот, екологијата и логистиката работат заедно за долготрајна одржливост и социјална вредност. Наместо традиционални урбанистички планови базирани на зонирање, се користат стратегии, сценарија и метрики на перформанс, односно проектирање на простори кои се отворени за промени и се адаптираат на природните процеси. Валдхајм го артикулира пејзажот како носител на јавен простор, климатска адаптација и продуктивни предели како што се паркови, речни брегови и зелени појаси.

Една од клучните слабости на градот Скопје е недостигот од урбано зеленило кое би било рамномерно распоредено и квалитетно одржувано. Според официјалните податоци постојат околу 3,78 милиони м² „градско зеленило“ што изнесува приближно 7,2 м² по жител—далеку под законскиот стандард од 25 м²/жител. За да се стигне до декларираната бројка од едвај 12 м² во пресметката влегува и периурбаното зеленило вон градот. Покрај квантитетот, проблем е и квалитетот и одржувањето на овие зелени површини. Теренските истражувања во 2019 година регистрирале најмалку 800 дрвја со ризик да бидат „задушени“ поради целосното бетонирање или асфалтирање на почвата околу нив. Стратешките документи нотираат и структурни проблеми. Акцискиот план за зелен град од 2020 година за Скопје констатира недоволна пристапност до јавното зеленило и препорачува „удвојување“ на таквите површини. Истовремено, „зелениот катастар“ е недовршен и неконзистентен, што ја ограничува прецизната анализа и управување со зеленилото во градот.

Најдобрите европските практики укажуваат дека „зелениот град“ најчесто се гради со три паралелни линии на мерки: поврзани зелени коридори, густо распоредени микропаркови и јасни индикатори како правилото 3/30/300. Градот Копенхаген низ комбинација на проектот Cloudburst со проектот „Sankt Kjelds Climate District“ ги претвора улиците и плоштадите во зелено-сини коридори со дождовни градини и микро паркови. Притоа, заменети се приближно 9.000 m² асфалт и на тоа место засадени стотици дрвја. Резултат од проектот е подобреното управување со поројни дождови, поблага микроклима и зголемена посетеност на зелените простори. Во Париз ја комбинираат програмата „Plan Canopée“, која има за цел да засади 170.000 нови дрвја, со програмата OASIS, која деградираните училишни дворови ги претвора во сеновити, порозни микропаркови. До 2022 пренаменети се приближно 70 микропаркови, а постои и план за изградба на цела мрежа вакви микрозелени површини. Ефектите од програмата се ладење на градот, задржување и реупотреба на дождовница и повеќе престој на отворено. Конечно, сѐ повеќе европски градови го интегрираат правилото 3/30/300 кое гласи: секој жител гледа најмалку 3 дрвја, најмалку 30% покриеност со крошните на дрвјата и секој дом се наоѓа на помалку од 300 метри до најблискиот парк или зелена површина.

Како можеме да ги примениме овие искуства во Скопје? Можеме да започнеме со лоцирање и преуредување на најмалку 20 микропаркови. Тоа се најчесто простори кои се недостапни за корисниците и за жал, затрупани со отпад. Нивното преуредување не би чинело многу пари, а вообичаените ефекти се пониски температури во градот, локални места за игра и социјална интеракција, што значи враќање на животот во маалата. Потоа, овие микропаркови би ги поврзале со зелени коридори. Градовите редизајнираат улици, но претвораат и речни или железнички коридори во зелено-сини оски, каде се садат дрвореди со широки крошни, пермеабилни тротоари, дождовни градини и биокоридори што ги врзуваат парковите и соседствата.

Оваа мерка би ни овозможила да постигнеме синергија со мерките за подобрување на урбаната мобилност низ комбинацијата на зеленилото од сино-зелените коридори со јавен транспорт, пешачки и велосипедски сообраќај. Со примена на истите, ние би добиле мерливи резултати за локалната заедница, и тоа, повеќе сенка и биодиверзитет, подобро задржување на дождовница и намалување на ефектот на топлотните острови. Скопје исто така заслужува и поголеми и поамбициозни проекти, и затоа би можеле да распишеме меѓународен јавен конкурс за пејзажно уредување на Градскиот парк и коритото на реката Вардар. Низа јавни и историски простори, како кејот на реката Вардар и скопското Кале, би можеле да ги претвориме во зелен архипелаг и зелена тврдина. Впрочем, зарем не е веќе време да ја пресоздадеме скопската Ботаничка градина како наш придонес кон подобра зелена иднина на градот.

Овој нов градски пејзаж, не само што ќе ги подобри основните техничко хигиенски услови, би создал и нови пријатни места во градот кои би биле основа за благосостојбата на жителите на градот. Дури и денес, после стотици години од изградбата, скопската Стара чаршија сѐ уште се препознава низ сенките на старите чинари. Притоа, сенката создава јавни простори – еден вид соби без ѕидови кои се места за разговори, одмор и средби на граѓаните. Се раскажува една анегдота за старата скопска чаршија каде старите кафеџии ги преместувале столовите низ денот „по сенката на јаворот“ со цел клиентите да седат секогаш на најсвежото место. Така, патеката на сенката била невидлив часовник на чаршијата. Таа скромна тактика треба да е поука за нас, дека дрвјата и зеленилото на градот не се декор, туку пресудна урбана инфраструктура неопходна за работата, социјализацијата и достоинственото живеење во градот. Само низ суштинското разбирање на овие навики на нашите предци и примена на современите научни мерки, ќе можеме да ги изградиме новите пејзажи на градот и да уживаме во нив.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот