Телекомуникациска кула на Водно/Фото: Слободен печат

Патот од Средно Водно до врвот не се користел ниту при изградбата на кулата на АЕК

Во старт беше дефинирано дека единствен пристап до кулата ќе биде преку жичницата, затоа што тоа е парк-шума, тоа е строго контролиран влез не само до кулата, горе има објекти на војска, на полиција, коишто се од сензитивен карактер, вели Илија Кепевски, советник на директорот на АЕК.

Од почетокот на изградбата на телекомуникациската кула, патот од Средно Водно до врвот никогаш не бил користен за по него да се пренесуваат градежни материјали за потребите на градбата, туку се користел патот пробиен од војската пред многу години од страната на Соње. Па и оттаму, екипите кои работеле се труделе да не се оштети ниту едно гранче од дрвјата.

Ова го тврдат од Агенцијата за електронски комуникации по коментарите во јавноста за оштетувањата на Водно и за евентуалните штети во парк-шумата кои можат да се направат доколку овој пат се отвори за пристап до кулата со возила.

Овие денови по патот од кај Соње се транспортираат и деловите од кранот кој во петокот се тргна од кулата.

Ние од почетокот не го користиме патот од Средно Водно нагоре, единствено оттука се качува храната за работниците или некој од инженерите кога доаѓаат да снимаат некои од геодетските точки, поместувањата на кулата и слично. Тој пат со товарно возило никогаш не е искористен. Од таа причина ние во старт направивме од страната на Соње фабрика за бетон, од каменот што го вадевме го тампониравме постоечкиот пат од војската и од шумското стопанство што го имаа направено на времето во бивша Југославија, се направи со пропусти од Долно Соње и од Горно Соње, фактички кај Горно Соње е спојот, и од таму се носеше целокупната механизација – вели Илија Кепевски, советник на директорот на АЕК.

Нема да има свадби во кулата на АЕК на Водно, ниту пристап со возила до неа

Тој објаснува дека за пристапот горе преку Средно Водно воопшто нема ниту дозвола, нити досега била побарана согласност, ниту пак ќе има за пристап на возила до кулата.

Во старт беше дефинирано дека единствен пристап до кулата ќе биде преку жичницата, затоа што тоа е парк-шума, тоа е строго контролиран влез не само до кулата, горе има објекти на војска, на полиција, коишто се од сензитивен карактер. Кај кулата се предвидени неколку паркинг места за одржување, за сервисерите и операторите коишто ќе дојдат да сервисираат некоја опрема, технички лица. Затоа што на првата платформа ќе биде сместена опрема на војската и полицијата, на втората се сите оператори и наша опрема ќе има, на третата е македонска радиодифузија, каде што е нивниот систем за радијата и телевизиите, а на четвртата е таканареченото кафуле – тврди Кепевски.

Во однос на ротационата платформа, тој вели дека таму бил планиран едукативен центар наменет за посетители од стручните училишта, средни школи, од факултетите, уметници, за студенти од Архитектонски и од Градежен факултет, а пред сѐ да служи како видиковец, но во меѓувреме таа ротирачка платформа добила намена на еден вид кафуле, но во него нема да се служи храна.

 

Сообраќајното решение уште на почетокот на изградбата било дадено од МВР, но со оглед дека станува збор за парк-шума, дека на тој простор има и противпожарни зони, како што тврди Кепевски никогаш нема да се дозволи да се загрози со возила.

Патот дефинитивно нема да биде пристапен за возила затоа што е строго контролирано од Град Скопје преку „Паркови и зеленило“. Ние ниту сме побарале, ниту се размислувало да има пристап на возила кои ќе одат по патот од Средно Водно, дури скептичен сум дека и од позади ќе се дозволи пристап на возила затоа што и од таму има контролиран пристап со куќарка, со рампа. Ние имаме специјално одобрение за пристап – објаснува Кепевски.

Инаку, на трите платформи кои се пониско поставени од ротирачката ќе биде сместена само опрема, нема да има вработени, освен обезбедување од полиција, затоа што станува збор за капитален објект од сензитивен карактер кој треба да го обезбедува МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот