
Партиите не сакаат градоначалник со здолниште, од 100 номинации за предводник на општините досега само девет се кандидатки
Се повторува практиката на прсти да се бројат жените кандидатки за градоначалнички. Од објавени 33 кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, само Наталија Димитриева е номинирана за градоначалничка на Демир Капија. Досега само две жени Албанки биле градоначалнички – Теута Арифи од ДУИ и Миликие Халими од СДСМ.
Демократијата не може да постои без жени, бидејќи нивното исклучување од политиката значи нејзино уништување од самите темели, порача синоќа Изет Меџити, кандидат за градоначалник на Чаир и еден од лидерите на Вреди од собирот на Форумот на жени на коалицијата.
Сепак, Вреди на претстојните локални избори, закажани за 19 октомври, не номинира ниту една кандидатка за градоначалничка во 16 општини каде претендира да раководи со локалната власт. А Вреди не е исклучок. Од досега објавените кандидатури за градоначалници, се повторува практиката од минатите изборни циклуси на прсти да се бројат жените кандидатки за градоначалнички.
Препорачано
Меџити ги фали жените, но не кандидираше ниедна
Иако партиите веќе објавија повеќе од 100 номинации за први луѓе на општините, досега има само девет кандидатки кои влегуваат во изборната трка.

– Веруваме во Чаир, каде што ниедно девојче не е принудено да сонува помалку само затоа што е девојче. Чаир, каде што секое девојче и жена има место на масата за донесување одлуки, каде што секое момче и маж е гордо што ја поддржува еднаквоста и каде што младите се сили што ја инспирираат целата земја. Да го направиме Чаир најсилниот пример дека еднаквоста е исправна и дека ова право мора да стане реалност. Во Владата и во Собранието го докажавме ова. Сега е време да го направиме тоа и во Општината – порача Меџити.
Од него не добивме одговор зошто немаат кандидатка за градоначалничка, иако коалицијата ги објави сите кандидати со коишто ќе настапи на локалните избори.
Во албанскиот политички кампус, освен Вреди, и Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, нема ниту една кандидатка за градоначалничка. Ни од ДУИ не ни одговорија зошто локалните избори ги сведоа на машка трка за општините. ДУИ во претходните изборни циклуси имаше жена-кандидатка за локалната власт – поранешната потпретседателка на партијата Теута Арифи во два мандата беше градоначалничка на Тетово.
Жени на чело на општините не номинираа ниту Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, иако со свои кандидати ќе истрчаат во четири општини, ниту Алијансата предводена од Зијадин Села, која на изборите со градоначалнички кандидатури ќе настапи во три општини. Освен Арифи, ниту една жена Албанка досега не предводела општина.
Засега големи се шансите и владејачката ЗНАМ, на која ова ќе ѝ биде прва изборна трка за локалната власт, да нема кандидатка за градоначалничка. Лидерот на партијата Максим Димитриевски ќе оди на нов мандат за градоначалник на Куманово, за Центар, неофицијално, кандидат ќе биде заменикот во Министерството за енергетика, Мирослав Лабудовиќ, а во зависност од тоа како ќе финишираат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ ќе има уште двајца или тројца кандидати за градоначалници во помалите општини.

За ВМРО-ДПМНЕ решавачки се анкетите
Кај најголемата партија, ВМРО-ДПМНЕ, од објавени 33 кандидати за градоначалници, само една е жена – Наталија Димитриева која е номинирана за градоначалничка на Демир Капија. Од партијата потврдуваат дека мажите доминираат за градоначалничките функции, но не поради дискриминација на жените, туку дека за нив е најважен интересот на граѓаните, односно дека анкетите ги „исфрлаат“ добитните комбинации со кои настапуваат на изборите. Анкетите што ги спроведува партијата и рејтингот на понудените имиња се пресудни кого партијата ќе номинира за градоначалници, а таму доминираат мажите.
Опозицискиот СДСМ досега има најмногу – седум жени кандидатки за градоначалнички од објавени околу 30 номинации.

Од досега шест номинации за градоначалник на Скопје, само СДСМ оди со жена кандидатка и тоа поранешната министерка за екологија Каја Шукова. Шукова во трка за градоначалничка на метрополата влегува со петмина мажи – Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Амар Мециновиќ од Левица, Башким Бакиу од Вреди, Скендер Реџепи Зејд од Национална алијанса за интеграција и еден независен кандидат од „Независни заедно“ – професорот Горан Марковски.
Социјалдемократите со жени кандидатики ќе настапат и во Карпош, каде кандидатка е д-р Маја Мојсова Мијовска, во Босилово номинирана е Мариче Кармазичева, во Карбинци – Љупка Соколовска, во Петровец – Елизабета Зелениковска, во Прилеп – претседателката на општинската организација Петра Лукароска и во Општина Брвеница – Светлана Митреска Анџелковска.
Од независните кандидатури, досега само поранешната антикотупционерка Билјана Ивановаска од „Независни заедно“ е номинирана за градоначалничка на Центар.

На локалните избори во 2021 година, од 80 општини и Град Скопје само метрополата доби градоначалничка – Данела Арсовска, како и Општината Старо Нагоричане – Жаклина Јовановска.
Претстојните избори се карактеристични по тоа дека ВМРО-ДПМНЕ од досега објавените 33 кандидати безмалку сите се актуелни градоначалници. Во изборната трка за Скопје засега влегуваат само двајца пратеници, и тоа Амар Мециновиќ од Левица и Скендер Реџепи Зејд од Национална алијанса за интеграција. Двајца министри – Изет Меџити и Фатмир Лимани се кандидати за градоначалници на Чаир, односно Кичево.