
Паркингот под Железничка – „хорор“ за минувачите и за возачите, осветлување нема, никој не знае кој е надлежен
Покрај сите предизвици со кои се соочуваат граѓаните што често и редовно поминуваат под Железничката станица – Скопје како остатоци од храна, искршени стаклени шишиња од некоја „луда ноќ“ и дебелиот слој прашина на тротоарите што секојдневно ја дишат, тие во изминатиов период се соочуваат со нов проблем – мрачни паркинзи, оставени без осветлување, кои наликуваат на „хорор-филм“ за пешаците што сè помалку минуваат оттаму.
Препорачано
Паркингот сместен веднаш до просториите на Поштата, поточно веднаш до познат угостителски објект, нема ниту една исправна светилка, бандера или, пак, проток на светлина поради пругата, што го прави мрачен и страшен дури и во текот на денот, а тотално непристапен и адреналински „предизвик“ за најхрабрите минувачи во текот на ноќта.
Жителка на Аеродром што живее во една од кулите отспротива вели дека целосно го избегнува овој паркинг, од каде што постојано поминувала во изминатите години, бидејќи е без светло, но и поради тоа што токму на ова место се соочила со неколку непријатни ситуации во изминативе месеци.
– Значи, навечер е многу страшно за поминување, осветлено е само во делот од паркингот каде што е сместен новиот паркинг на Пајак-службата на Општина Центар, односно во делот од каде што се оди кон „Ист гејт мол“, а другиот, поголем паркинг, лоциран спроти кулите, од каде што порано поминував често, сега е тотално запустен и мрачен – вели нашата соговорничка.
Таа додава дека на овој паркинг често знаат да се стационираат и бездомни лица, кои со душеци и ќебиња своето преноќевалиште го наоѓаат скриени под железничката станица.
ВИДЕО+ФОТО | Автобус под Железничка се чека на сопствен ризик, се дише прашина во полутемница
Колку е овој паркинг небезбеден за пешаците, но и за возачите, покажува и сведоштвото на уште една жителка од кулите во непосредна близина на паркингот, која автомобилот постојано го паркирала на ова место, но една вечер во мракот одејќи кон својот автомобил била пресретната од група луѓе што ѝ дофрлале и довикувале, по што почнале да ја вознемируваат тресејќи го нејзиниот автомобил.
– Автомобилот ми беше паркиран на паркингот под Железничка, каде што го оставам постојано. Една вечер, веднаш по влегувањето во моето возило, група луѓе ми го опколија автомобилот и започнаа агресивно да го тресат од сите страни. Јас бев сама и беспомошна, не знаев што да правам, а на паркингот немаше ниту едно исправно светло, туку владееше тотален мрак поради што никој од минувачите не можеше да ме види и да ми помогне, односно да ги избрка насилниците – објасни таа и упати апел до надлежните да постават светилки, но и чувари што ќе донесат сигурност за минувачите од какви било несакани инциденти.
Како и многу локации низ Скопје, така и овој паркинг има иста „судбина“ на измешани и за нас сѐ уште непознати надлежности околу тоа кој треба да се грижи за местото и да ги промени светилките, со што конечно би бил осветлен просторот за пешаците и за возачите.
Од Македонски железници ни одговорија дека тие не се надлежни за овој проблем, но не знаеја точно кој е одговорен за осветлувањето на споменатиот паркинг, сместен во непосредна близина на Железничката станица, па нè упатија да го бараме „чарето“ кај Градот или кај Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.
– Паркинзите и објектите во и околу Железничката станица се имот во сопственост на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура или Градот Скопје, па одговорот би требало од нив да го побарате. Ние сме посебен правен субјект задолжен за транспорт (локомотиви, возови, патнички вагони…) и немаме никаква поврзаност со локациите што ги посочувате – велат од Македонски железници за „Слободен печат“.
Од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје, пак, прашани за овој проблем, информираа дека осветлувањето на паркингот не е во нивна надлежност.
– Сакаме да ве известиме дека во нашиот дел имаме рефлектор и едно светло кои се во функција, а осветлувањето на паркингот не е во надлежност на Македонски железници – Инфраструктура – велат од претпријатието.
До објавувањето на овој текст, не добивме одговор за тоа кој точно е надлежен за овој проблем ниту од Градот, ниту од ЈП „Градски паркинг“, кои стопанисуваат и наплаќаат за паркирањето на ова место, со што изгледа и оваа локација ќе остане една „црна дупка“ на надлежности, односно не се знае кој е одговорен и кој дозволил овој паркинг да остане неосветлен и страшен за минувачите, а е сместен во срцето на главниот град.