
Парадокс: имаме европски пари за рурален туризам, но каде да се гради без урбанистички планови?
Има еден позитивен тренд на млади што се заминати во странство и сакаат да се вратат и да инвестираат во рурален туризам. За жал, се разочаруваат поради неможноста да извадат градежна дозвола.
До крајот на годината треба да се распише јавен оглас за Мерка 7 од новата ИПАРД 3 програма, со која може да се добие грант од 10.000 евра до 600.000 евра за инвестиции во рурален развој. Но, за да се добијат тие пари, од вкупната инвестиција 40 отсто треба да се обезбедат од сопствени извори. Новина за ИПАРД 3 е можноста за авансна исплата до 50 отсто од финансиската поддршка, веднаш по потпишување на договорот. Тоа, низ пример, значи дека ако се конкурира со проект вреден 100.000 евра за мерка каде што повратот на инвестицијата е 60 отсто, апликантот, преку авансното финансирање, со склучување на ИПАРД-договорот ќе добие до 50 проценти од средствата или 30.000 евра однапред. Може да се аплицира со објекти за рурален туризам, сместувачки капацитети, угостителски објекти, разновидни рекреативни услуги во руралните средини, како и со развивање активности што се поврзани со обичаите, занаетчиството и типичните видови храна.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Мерката веќе на големо се промовира, а според коментарите на социјалните мрежи има голема заинтересираност. Но, коментарите се движат во насока дека тој што има пари, пак ќе има затоа што сепак треба да се вложи и голем износ на сопствени пари, па сè до тоа дека мерката не е спроведлива затоа што нема урбанистички планови во руралните средини.
Ленче Николовска, сопственик на „Агриотим“ – консултантска куќа што изработува апликации за ИПАРД, вели дека прв и основен услов за да може да се инвестира преку ИПАРД за рурален туризам преку Мерка 7, е локацијата да се наоѓа во рурално подрачје (до 30.000 жители) и ако има градба, обезбедена правосилна градежна дозвола.
– Тоа е воедно и најголемиот проблем на инвеститорите бидејќи најголемиот дел од руралните подрачја кај нас не се урбанизирани. Има случаи кога сами урбанизираат, но тоа е подолгорочен процес што ја поскапува инвестицијата. Затоа постојано апелираме преку „Агротим“ за носење урбанистички план во руралните општини и да се овозможи на многу заинтересирани да инвестираат, а со тоа и да ја развијат општината. Имено, има еден позитивен тренд на млади што се заминати во странство и сакаат да се вратат и да инвестираат во рурален туризам. За жал, се разочаруваат поради неможноста да извадат градежна дозвола, а сите ние, особено нивните родители, посакуваме младите да останат во државата. Затоа уште еднаш, особено сега во предизборие, жителите на руралните општини нека бараат од новите градоначалници ветување дека ќе се реши овој проблем во интерес на сите – вели Николовска во изјава за „Слободен печат“.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека немаат директна надлежност во областа на урбанистичкото планирање, но дека ќе го поддржат секој процес на создавање соодветни услови за успешна имплементација на ИПАРД 3 програмата.
– Отсуството на урбанистички планови во многу рурални средини, претставува предизвик за реализација на проекти од областа на руралниот туризам. Според надлежностите, Министерството не може да биде директен носител на активностите поврзани со урбанистичкото планирање, но ќе го поддржиме секое решение што ќе овозможи олеснување на условите за урбанистичко планирање. Министерството останува целосно посветено на поддршката на руралниот развој и ќе продолжи да работи на создавање соодветни услови за успешна имплементација на програмата ИПАРД 3 – изјавија од Министерството за „Слободен печат“.
Заинтересираните за мерката на ИПАРД 3 јавно изнесуваат и предлози до Владата за да се надмине проблемот со урбанистичките планови.
– Според мене, ИПАРД 3, Мерка 7 е во ред. Има 60 % проценти поврат на инвестицијата по одобрен проект. Најниско е да инвестираш од 10.000 евра до 600.000 евра. Значи од 10.000 евра па нагоре може да ја користиш мерката. Само да се среди со дозволата за градба. Најбезболно е и го давам како идеја следново. Сите што сме заинтересирани и имаме чисти имотни листови за земјата, да ни дадат дозвола за градба со назнака на самата дозвола дека таа се дава само и исклучиво за ИПАРД 3 Мерка 7 по проектна документација и за ништо друго. Ете, со самото тоа ќе се заштитат и општините, дека таму е рурално, но дозволата се дава за рурален туризам. Нека има и за општината некој паричен надоместок како она 1 евро за квадрат изградена површина. Така и ние непречено ќе можеме да го користиме ИПАРД – вели Катрина Милковска.
Рурално подрачје е населено место со помалку од 30.000 жители.
Тоа значи дека за Мерка 7 од ИПАРД може да аплицираат баратели чии инвестиции се во села, населени места, но и помалите градови како Берово, Пробиштип, Богданци, Дебар, Кратово, Кочани, Делчево и други.