Фото: Јутјуб/скриншот

„Пантери“ и „шкорпиони“ ќе „ловеле“ педофили во Македонија, институциите повикуваат да не се зема правдата во свои раце

Организацијата „Пантер“, позната по акциите за „лов на педофили“ во дел од земјите на поранешна Југославија, се чини дека се проширува и во Македонија, според видеата кои се вртат на социјалните мрежи.

Групата, досега активна во Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска, тврди дека намамува педофили на лажни средби со малолетни девојчиња, а потоа објавува видеа од наводните педофили. „Пантер“ во секоја земја има официјални канали на „Јутјуб“ и на социјалните мрежи, на кои ги објавува видеата. Пред неколку дена, на „Јутјуб“ се појави и видеото на, како што се тврди, првата акција на групата „Пантер“ во Македонија

Во исто време, како што пишува „Независен“, битолчани на социјалните мрежи објавуваат видео на кое возрасен маж признава дека договорил средба со 14-годишно девојче. Мажите што го „уловиле“ наводниот педофил јасно го разоткриваат неговиот идентитет.

На „Фејсбук“, битолчанка тврди дека е дел од друга група, наречена „Шкорпион“, која со име и презиме и со фотографија ги објавува „уловените“ мажи кои наводно комуницирале со малолетнички, како и скриншотови од нивните комуникации.

„Ова е групата „Шкорпион“ која ќе се бори против педофилите низ Битола и која ќе ги лови. Не сте сами монструми! Од денес ‘шкорпионите’ ви се зад петици. Ќе биди чувано секое училиште, парк, собиралиште на деца. Секаде ќе бидеме присутни“, пишува битолчанката Б.М. на Фејсбук.

Од Основното јавно обвинителство во Битола во изјава за „Независен“ повикуваат граѓаните да не ја преземаат правдата во свои раце.

„Основното јавно обвинителство Битола е известено за ваквите појави и презема дејствија за целосно расчистување на случаите и одговорноста од сите аспекти. Апелираме до сите граѓани кои имаат сознанија за кривични дела да ги пријавуваат во надлежните институции – МВР или јавните обвинителства и да не се обидуваат да ја преземаат правдата во свои раце“, велат од битолското обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот