
Пандов: Затворите ни се хотел промаја, под итно смена на директорите и постапка од Обвинителството
Четири осудени лица утрово не се во своите ќелии во Затворот Скопје и се наоѓаат во бегство, тоа не се осуденици за кражби, ги има за секакви кривични дела, рече в.д. директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов кој ги наведе и другите зачудувачки состојби кои тој и две службени лица од Управата ги посведочиле при вонредниот надзор што Управата го спроведе на 19 овој месец по гласините дека секојдневно од Затворот Шутка недостасуваат десетици лица од списокот на затворската полиција каде фигурираат 180 осудени лица. Затворот ни е хотел промаја, познато е дека и наркобосот Пабло Ескобар не излегувал од својот приватен затвор.
Препорачано
-11 осудени лица не беа присутни во своите ќелии. Паѓа во очи списокот кој нас ни беше понуден од страна на затворскиот полицаец и она што беше фактичка состојба не кореспондираше. Имено, во отвореното одделение има дел кој го нарекуваат возен парк. Таму по список треба да има само 3 осудени лица, а на лице место се распоредени 10, а четвори осудени лица отсуствуваа. Исто така во делот перална, по список треба да има 4 осудени лица, формално правно правно фигурираат 9 осудени лица, од кои 7 беа отсутни, 1 само пронајдовме, а едно беше на домашно отсуство. Зошто е тоа така, ни одговорија дека затворската полиција нема увид во тоа, дека добиваат усмени наредби. Од затворскиот полицаец на влезот до последниот полицаец што го сретнавме таму тврдеше дека единствено Филип Андов – Сокол, поранешниот советник на бившиот премиер Зоран Заев е лицето коешто ги дава усните наредби кој затвореник каде да биде, рече Пандов.
За констатираната недоследност со бројната и фактичката состојба во затворот Скопје при вонредниот надзор се прави записник, а денеска Управата ги побара и снимките од видео надзорот. Затворските полицајци тврделе дека не биле запознаени за тоа што се случува во затворот и го посочиле директорот Андов како лично одговорен за тие делови од затворот од каде затворениците слободно излегувале и се враќале кога сакаат.
-Одговорно би тврдам, во тој возен парк и таа перална ќе видите дека тие луѓе нарочно се ставани таму, за какви интереси на Сокол не знам, биле ставани за да можат кога сакаат да влегуваат и да излегуваат. Излегување за нас како граѓани на РМ, како луѓе што знаеме дека тие луѓе се во затвор, тие луѓе, тој директор им дал алиби дека тие се присутни во затворите во Македонија, а од друга страна во конкретниот затвор Скопје тие се надвор. Тоа значи дека во тоа време тие имаат алиби да направат било какви кривични дела, најтешки кривични дела, убиство, тешка кражба, силување, било што и да тие имаат алиби дека се во затвор, а не на слобода, нагласи Пандов.
Тој ги прашал затворските полицајци како дошло до вакво однесување на одредени затвореници, на што тие му рекле дека немале никаква заштита и често им се случувало тие да не смеат да носат телефони, додека затворениците пред нив да вадат телефони и да му се јавуваат на директорот на затворот.
-И му кажуваат „директоре Сокол ние ти дадовме пари, овој не смее да ни се заканува, да постапува кон нас“. За сето ова правиме записник, кој се уште не е готов, но веќе е инфорирана полицијата, зошто ова според мене е повеќе од криминал и е нешто што го загрозува секој граѓанин на Македонија. Кога ќе го изготвиме записникот ќе го доставиме и до Обвинителството. Во меѓувреме го информирав и премиерот Мицкоски, и го замолив, не само Сокол, туку и другите директори дека во најголем дел од затворите во Македонија не е иста, туку слична. Затворите ни се хотел промаја, она што мислиме дека е затвор, фактичката состојба не е таква. И Пабло Ескобар во Колумбија во 80-тите иако во приватен затвор, немал право да излегува, рече Пандов.
Тој е одлучен да се стави ред во затворските институции па најави итна смена на само на директорот Андов туку и на останатите директори на затворите каде исто така ќе се прават проверки. Според информациите кои Пандов ги добил од затворската полиција во Шутка тие 7 години не стапнале во деловите возен парк и перална, а додека траел надзорот, дел од затворениците се појавиле, а недостасувал само еден.
-Поголем дел од затворските полицајци се чесни. Буквално да ти падне жал да им ја видиш состојбата, со солзи во очите кажуваат „Александар ни претат, ни се закануваат, едноставно затворениците се помоќни од нас и дека тие имаат поткрепа од директорот на затворот“. Две недели сум в.д. директор и сменет е само директорот на затворот Тетово. Но, на првата владина седница сите или најголем дел од директорите ќе бидат сменети. Треба обвинителство да постапи, утре задутре ќе биде готов записник, очекувам ќе правам притисок и врз полицијта и врз обвинителството, да ја завршиме до крај, најави Пандов.
Повеќе контроли кај затворениците со работен ангажман и лекување за акутно болните
На почетокот на неговиот мандат тој потишал и неколку барања од затвореници од Штипскиот затвор со кои неколку осуденици за случајот „27 април“ се пуштени на лекување поради акутна болест, и најави дека такви барања за медицински третман нема повеќе да одбива. Пандов за Бојан Јовановски рече дека условен прекин на казната поради здравствени причини добил од судот.
Ред и поголеми контроли најави и кај осудениците кои имаат дозволи за работно ангажирање. Катица Јанева минатата недела остана без неа бидејќи, по добиена анонимна дојава, направена е контролата од службени лица од Управата не беше пронајдена на нејзиното работно место во адвокатската канцеларија на синот, но Пандов рече дека повторно може да побара да оди на работа.
-Ќе се прават тие проверки за да се стави ред и во тој дел. Јас сум за тоа тие што се со А третман ако може да бидат работно ангажирани, на ниту еден што дошол со барање не му е одбиено од моја страна, меѓутоа тие треба фиксно да си седат на работното место. Дел од нив седеле, дел не седеле и ќе сфатат дека не може така, како и Катица Јанева, нагласи Пандов.