Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пак снема Херцептин за рак на дојка на Онкологија, па дојде

Пациентки со канцер на дојка се жалат дека повторно за нив доцни терапијата Херцептин односно дека истата ја нема на Клиниката за онкологија.

-Вчера бев во болницата да ја примам терапијата, ама после чекањето ми кажаа дека ја нема и да си одам, кога ќе дојде ќе ми се јават да ја примам. Досега редовно ги примав терапиите, имам уште неколку да ги примам. Само еднаш се случи неколку дена да ми доцни терапијата и кога тоа ќе се случи чувствувам нелагодност, некоја паника, ако имам некој симптом се си мислам дека ми е од непримањето на терапијата, додека кога имам терапија сум мирна, ни рече пациентката.

Од Клиниката потврдија дека деновиве имало краток недостаток на субкутаната форма на Херцептин, но дека од денеска ќе го има лекот.

„Токму деновиве се заврши новиот тендер за Херцептин поради што се јави краткиот недостаток на лекот. Веќе е направена нарачката што значи дека од денеска ќе го имаме лекот“ велат од Клиниката.

Лекот Херцептин треба да се прима на 21 ден во вкупно 18 дози. Лекот го стопира растот на малигните клетки и не дозволува да се јават рецидиви. Пред неколку месеци пациентки се пожалија до Народниот правобранител зашто незаконски им беа кратени ампулите Херцептин, односно поради доцнењето на лекот, тие беа принудувани да прескокнуваат неколку терапии што предизвикуваше да имаат паузи меѓу две дози од повеќе денови бидејќи лекот го немаше на време и во доволни количини за сите пациенти.

Правобранителот тогаш по проучување на списите се обрати до Државниот здравствен и санитарен инспекторат а пред тоа испрати и укажување до клиниката да се отстрани проблемот согласно Устаовт и меѓународните стандарди и Законот за здравствена заштита, бидејќи овој лек би морало да биде достапен. Во претставката пациентките наведоа дека имаат нередовна терапија и застој во примањето на болничката терапија кој се повторува и истата секогаш ја примаат со значително доцнење кое придонесува да прескокнуваат една до две терапии во годината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот