Бебешка храна / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ова ли е борба против „белата чума“ – еден детски оброк како во ресторан со „Мишелин“ ѕвезда?

По жестоките реакции на граѓаните во 2023 година, Владата реши бебешките каши и адаптираното млеко за доенчиња наместо да бидат третирани како луксузни, да останат со повластена стапка на ДДВ од 5 отсто. Со повластената даночна стапка од 5 отсто ДДВ се и бебешките креветчиња, количките, транспортерите, релаксаторите, седиштата за во возило, кадичките, хранилките, цуцлите, шишињата и пелените за бебиња

Доаѓањето на бебе во секое семејство носи голема радост, но и големи трошоци, а посебно место меѓу нив зазема вештачкото млеко – кое е основна храна на многу новороденчиња во Македонија. Ако мајката поради некоја причина не може да дои, заменското млеко е единствениот извор на храна за бебето и останува на прво место по важност дури и кога бебето ќе почне да јаде друга храна и барем во првите 365 дена. Македонските мајки, најчесто користат млеко во прав, спакувано во кутии од 400 и 800 грама, а нивната цена според проверката на „Слободен печат“ низ аптеките се движи од 800 до над 1.300 денари.

Цената на бебешките чајчиња против грчеви чини и над 300 денари за лименка, додека зеленчуковите и овошните кашички тераат и до 120 денари за мало тегличе. Скапи за нашиот стандард се и овошните сокчиња што почнуваат од 40 па до 100 денари.

Новопечените родители велат дека трговците немаат милост за енормните трошоци на кои се изложени, а еден бебешки оброк чини како во ресторан со „Мишелин“ ѕвезди. Помеѓу 20 и 35 проценти изнесувала трговската маржа што се пресметувала во две категории производи, бебешка исхрана и опрема за бебиња, покажале првите анализи на Државниот пазарен инспекторат, а трговците се правдале дека маржите мора да бидат високи поради тоа што има помал промет на овие производи за разлика на пример од храната, објави Телма.

Бебешка храна / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

По жестоките реакции на граѓаните во 2023 година, Владата реши бебешките каши и адаптираното млеко за доенчиња, наместо да бидат третирани како луксузни, да останат со повластена стапка на ДДВ од 5 отсто. Со повластената даночна стапка од 5 отсто ДДВ се и бебешките креветчиња, количките, транспортерите, релаксаторите, седиштата за во возило, кадичките, хранилките, цуцлите, шишињата и пелените за бебиња.

Според податоци на Државниот завод за статистика, едно македонско семејство во 2023 година во просек потрошило по 200 грама детска храна, а просекот на купени детски кашички изнесува 400 грама. Педијатрите што ги консултираше нашиот весник, велат дека на секое бебе не му одговара ист вид млеко. Во просек, бебе што се храни со адаптирано млеко, пие по една голема кутија од 800 грама, а тоа чини околу 1.400 денари. Како и кај возрасните, апетитот на бебињата варира од ден на ден, од оброк до оброк, според покажуваат податоците Светската здравствена организација. За еден месец се потребни околу девет, десет пакувања адаптирано млеко.

– Некои млека се и поскапи, бидејќи ги користат предвремено родените бебиња, како и оние со почувствителен стомак. И тоа е неопходно за нивниот развој и раст, па оттука родителите немаат друг избор освен да се снаоѓаат за пари. Адаптираното млеко во Македонија е скапо поради повеќе фактори. Прво затоа што го увезуваме, а потоа затоа што државата сè уште наплаќа данок на додадена вредност (ДДВ) на сите детски производи, вклучително и млекото – велат лекарите.

Според германската агенција Статиста, приходот на пазарот за бебешко млеко и формула за новороденчиња во Македонија ќе достигне 1,01 милион американски долари во 2025 година. Во 2022 година, Македонија увезла храна за доенчиња од житарки, брашно, скроб или млеко, за 6,34 милиони долари, со што стигна на 127-то место меѓу најголемите увозници на храна за доенчиња, обајви ОЕЦ. Македонија увезува храна за доенчиња главно од: Ирска (1,47 милиони долари), Холандија (1,01 милиони долари), Австрија (848 илјади долари), Србија (763 илјади долари) и Хрватска (661 илјади долари).

Грчките родители плаќале најскапо млеко за бебиња во ЕУ

Грчките родители плаќале за најскапата формула за бебиња во Европа, а цената на формулата за бебиња во Грција во 2023 година достигна неверојатни височини, при што граѓаните плаќале од 32 до 213 отсто повеќе за нејзината набавка отколку во другите земји од Европската Унија.

Според истражувањето за споредба на цените спроведено од Грчката комисија за конкуренција во ноември минатата година, за адаптираните млечни производи за доенчиња до 6 месеци, цените во Грција се меѓу 144 и 171 отсто над најниската цена пронајдена во Белгија и во Холандија, објави То Вима. Брендираната формула за доенчиња во Грција отстапувала од 167 до 213 отсто од најниската цена пронајдена во Финска и во Шведска.

„Кај некои брендови, формулата за доенчиња почнува да се приближува до просечната цена во Европа, но останува поскапа. Затоа, ќе продолжиме со проверки на бруто-добивката за да видиме дали има структурни нарушувања на пазарот и во синџирот на снабдување“, рече министерот Костас Скрекас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот