
Откриен изворот на таинствениот сигнал од вселената, доаѓа од галаксија слична на нашата (ВИДЕО)
Научниците пронашле извор на таинствените повторувачки радиосигнали во блиска галаксија, која наликува на нашата.
Една од најголемите мистерии во истражување на вселената, покрај црните дупки, се веројатно и повторувачките радиосигнали, а астрономите по втор пат пронашле еден нивни извор во блиска спирална галаксија, која по својот облик наликува на нашиот Млечен пат.
Препорачано
Овие таинствени радио сигнали се всушност брзи радио рафали (FRB, fast radio bursts), кои се непредвидливи и краткотрајни, а доаѓаат од далечната вселена. Тие неочекувано се појавуваат на некои делови од небото и траат неколку милисекунди.
Поединечни ФРБ кои се појавуваат само еднаш и веќе не се повторуваат, се релативно чести, за разлика од повторувачките ФРБ кои се особено интересни за научниците. Прв таков ФРБ бил забележан во 2015 година со телескоп во Порторико, а во јануари 2019 година научниците известиле за друг таков феномен. Половина година подоцна, телескопот кој се наоѓа во долината Оканаган во Британска Колумбија забележал осум нови.
Изворот на повторувачкиот ФРБ, познат како 180916.J0158+ 65, откриен во јуни 2019, е лоциран во спирална галаксија која од нас е оддалечена половина милијарди светлосни години. Иако тоа звучи како голема оддалеченост, тој извор е седум пати поблизок од другиот познат извор на повторувачки ФРБ и повеќе од 10 пати поблиску од изворот на поединечните ФРБ.
„Ова е еден од најблиските воочени ФРБ досега. Се покажа дека се наоѓа во релативно блиска галаксија, заради што ќе можеме сега, користејќи додатни телескопи, подетално да го проучиме тој феномен“, рекол астрономот Мохит Бхардвај од Универзитетот Мекгил.
Научниците уште не можат со сигурност да знаат од каде доаѓаат тие сигнали, но издвоиле пет можни извори на таинствените ФРБ. Тие сметаат дека ФРБ би можеле да произлезат од ротирачка неутронска ѕвезда, две ѕвезди во процес на спојување, блитзар, црна дупка и вонземјанска цивилизација.