Откажани републиканските дебати откако Хејли одби да учествува на нив без Трамп
Две републикански дебати се откажани откако поранешниот претседател Доналд Трамп и неговата противкандидатка Ники Хејли одбија да учествуваат пред прелиминарните избори во Њу Хемпшир следната недела.
Препорачано
Еј-Би-Си и Си-Ен-Ен ги откажаа планираните дебати откако Хејли, поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, објави дека нема да присуствува доколку не присуствува Трамп. Поранешниот претседател стави до знаење дека воопшто нема да учествува во дебатите, што значи дека на сцената ќе остане само гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис.
Хејли се обидува да го достигне Трамп со освојување на Њу Хемпшир, откако тој ја освои Ајова оваа недела, првата држава во која се натпреваруваа републиканските претседателски кандидати. Новите анкети објавени во средата покажуваат дека Трамп има 50 отсто меѓу републиканците, во споредба со 34 отсто за Хејли и само 5 отсто за ДеСантис.
Хејли расте во анкетите, но во Ајова заврши трета, зад гувернерот на Флорида. Таа ги положи сите свои надежи во Њу Хемпшир, држава со поумерени гласачи. Таму може да гласа секој, вклучително и демократите, што може да и даде поголема шанса против Трамп, пишува ДПА.
Хејли вчера ја обиколи државата со популарниот гувернер Крис Сунуну, обидувајќи се да ги придобие гласачите во последен момент. Прелиминарните избори на Републиканската партија во Њу Хемпшир се одржуваат во вторник, а анкетите предвидуваат победа на Трамп и таму, но не толку убедливо како во Ајова. Следната држава која ќе избере републикански кандидат ќе биде Јужна Каролина на 24 февруари.