Фото: Општина Карпош

Осумте месеци за изградба на општинската зграда на Карпош станаа 12 години и уште не е готова

Завршувањето на изградбата досега повеќепати беше најавувано, но сега од Општината се повнимателни и не даваат никакви прогнози, туку велат дека тоа зависи од парите што можат да се издвојат во буџетот за наредната година за оваа намена.

Новата општинска зграда на Карпош е веројатно најдолго градениот административен објект во Скопје. Се гради веќе 12 години и сѐ уште не се знае кога ќе биде завршена, иако кога започнаа градежните работи, есента 2012 година, беше кажано дека за осум месеци Општината ќе добие нова зграда. Целиот проект требаше да чини помалку од три милиони евра, но низ годините, особено последниве кога сериозно се зголемија цените на градежните материјали, инвестицијата значително порасна.

На патот на изградбата се испречија многу пречки, а општинската администрација остана сместена во бараките во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“. Од Општина Карпош велат дека сѐ уште не можат да кажат кога зградата ќе биде готова, дека тоа зависи од парите што можат да се издвојат за оваа намена, но дека се работи и дека само во изминатите три години во неа се вложени повеќе од половина милион евра.

Во новата општинска зграда сѐ уште се изведуваат градежни активности и не е подготвена за вселување. Динамиката на работењето е во согласност со средствата што се одвојуваат за нејзино завршување. Од 2021 година до сега за општинската зграда се искористени 33.727.000 денари. Само оваа година се потрошени 5,7 милиони денари општински пари за внатрешно уредување, а до крајот на годината ќе бидат искористени и 10 милиони од ребалансот на Буџетот. Колку средства ќе бидат одвоени за довршување на општинската зграда за следната година ќе знаеме по донесувањето на Буџетот на општината за 2025 година, кој во моментот е во изработка – објаснуваат од Карпош.

Оптимистичките најави за нејзиното довршување досега не се остварија. Во 2016 година се очекуваше изградбата да финишира во мај и веднаш потоа во неа да се всели администрацијата. Тогаш беше речено дека веќе е поставена електричната изолација и дека останува да се постават подовите, керамичките плочки и санитарен јазол.

Но, од 2017 до 2021 година работите на објектот сосема запреа, а тогашниот градоначалник Стефан Богоев четири години се обидуваше да најде решение како да се доизгради новата зграда, затоа што она што веќе било изградено, како што тврдеше, отстапува од проектот врз основа на кој е добиено одобрението за градба. Со цел да се надминат пречките и да се дојде до решение со кое би се откочил процесот на изградба, во Општината беше формирана работна група што требаше да ја провери целата документација во врска со новата општинската зграда, а потоа започна изработка на нов проект.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски, набрзо по преземањето на мандатот најави дека ќе побара од Советот на општината во буџетот за следната година, да се обезбедат средства за довршување на изградбата за да може во текот на 2022 година да биде пуштена во функција.На прашањето од „Слободен печат“ како Јакимовски планира да ја доврши зградата кога изградбата е запрена затоа што објектот отстапува од проектот, од Карпош кусо одговорија дека во тек е постапка за измени во тек на градба, што е во согласност со законите.

Јакимовски: Новата општинска зграда во функција од следната година

Увид во градежните работи градоначалникот направи и на почетокот на минатата година при што беше констатирано дека издвоените 23 милиони денари од буџетот на Општина Карпош за 2023 година нема да бидат доволни за довршување на целата зграда. Од тие причини, како што објасни тогаш, во функција требаше да бидат ставени приземјето, првиот и вториот кат, за до септември да можат во неа да се преселат најголем дел од општинските служби. Останатите катови требаше да бидат завршени годинава.

Тоа не се случи, а од Општината сега се повнимателни и не даваат никакви прогнози кога би завршиле градежните работи.

Колку за потсетување, новата административна зграда е сместена на местото на поранешните општински бараки, кои беа стари речиси 40 години. Објектот се гради според идејното решение на архитектонските студија „Скарс“ и „Архитекти“. Зградата има пет надземни нивоа, при што секторите треба да бидат сместени по катови, а на приземјето да се врши прием на странки и да биде сместена архивата. Кога тоа ќе се случи, засега не се знае.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот