
Османи: Од медиуми дознав дека фирмата „Еуровиа“ е донатор на ДУИ
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека од медиумите дознал оти фирмата „Еуровиа“ која го доби тендерот за адаптација на салата „Борис Трајковски“ е донатор на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и не бил среќен кога го видел извештајот, бидејќи ги очекувал овие рекации.
Препорачано
-Знам дека е тешко за верување, но, верувајте, јас дознав дека фирмата е донатор откако беше објавено во медиумите. Но, верувајте дека никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава, изјави Османи на денешната прес-конференција.
Појаснувајќи ја постапката за избор на компанија, тој посочи дека Министерството само ги рангира компаниите, ги пишува понудените цени и која е најевтина таа се предлага, па затоа фирмата не била проверена, туку само се прифатила нејзината понуда.
-Секој друг избор на компанија со поскапа понуда е прекршување на законот и оштетување на Буџетот. Знам дека темата е атрактивна, лесно се врзуваат работите во една голема конспирација. Мене можете да ме обвините за сè, но не можете да ме обвините за корупција. Таа особина ја немам, посебно не за вака важен настан и за мене и за Министерството и за државата, додава министерот.
Фирмата „Еуровиа“ од Желино го доби тендерот за преадаптација на спортскиот центар „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на Министерскиот совет на ОБСЕ. Фирмата е во сопственост на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми, а воедно и донатор на политичката партија ДУИ.