Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Организирано се носат улични кучиња во Скопје, тврдат од „Лајка“: Апел до граѓаните да пријавуваат такви појави

Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња на одредени локации, посочуваат од ЈП „Лајка“. Станува збор за локации каде претпријатието има прецизен увид на постоечкиот број кучиња кои веќе се стерилизирани, што според нив укажува на тоа дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња, при што често се работи за големи раси на кучиња. Оттаму објаснуваат дека голем дел од нив се недоверливи што не е карактеристично за кучиња од градска средина и додаваат дека ваков наплив речиси е невозможно да го направи поединец.

Ги знаеме убаво кучињата во нашата населба кои немаат сопственици, тоа се локално чувани миленици кои редовно ги храниме, имаат свои куќарки. Пред неколку дена забележавме група од 4, 5 кучиња без обетка на увото. Едното беше повредено, откако го однесовме на ветеринар да го прегледа, тој ни кажа дека станува збор за куче донесено од друг град, бидејќи чипот што го имало кучето е на јавното комунално претпријатие од овој град – реагирале жители на Аеродром во „Лајка“.

Жителител на Лисиче пак, посведочил на истоварање на околу дваесетина кучиња од комбе со кумановски регистарски таблици во уличките зад средното училиште „Владо Тасевски“.

Упатуваме апел до граѓаните доколку видат активности од ваков тип, дислокација на кучиња, по можност да го документираат истото со фотографии, пријават или ни се обратат за потребна помош; воедно е неопходно институциите и општините да го покренат ова прашање, воспостават контролни механизми за превенција и дејствување – апелираат од јавното претпријатие.

Оттаму додаваат дека не може да има решение на проблемот доколку не се превенира човечката неодговорност која е клучен фактор и доколку во град Скопје секојдневно пристигнуваат нови репродуктивно способни единки, исфрлени по улиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот