
„Организаторите на 27 април“ може да падне пред суд – Обвинителството бара амнестијата да важи и за Јанакиески, Ристовски и Вељаноски
Случајот „Организатори на 27 април“ во кој со години им се судеше на поранешните функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, Спиро Ристоски, Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски можно е да падне на суд откако Обвинителството поднело барање Законот за амнестија да важи за Јанакиески, Ристоски и Вељаноски.
Препорачано
Од Кривичниот суд за „Слободен печат“ велат дека Обвинителството вчера доставило мислење до кривичниот суд за правична примена на Законот за амнестија за обвинетите Ристоски, Јанакиески и Вељаноски, но не и за Атанасовски. Поради оваа новонастаната ситуација следното рочиште е закажано за на 23 јануари кога Судот треба да каже дали ќе го прифати мислењето на Обвинителството.
Овој случај се суди по втор пат пред Кривичниот суд откако Апелација го врати на повторно судење која го отвори прашањето за селективна амнестија, откако беа амнестирани дел од осудените за крвавиот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Меѓу обвинетите за овој случај е и поранешниот премиер Никола Груевски, за кого запре постапката бидејќи е надвор од државата. Додека се бара амнестија за „Организаторите на 27 април“, за оние кои упаднаа во Собранието и се во затвор, иако новата власт најавуваше, се уште нема амнестија.