Битола / Фото СП

Општината Битола изготви тригодишна стратегија за развој на социјалното претприемништво

Тригодишната стратегија за развој на социјални претпријатија во периодот 2023-2026 година, што ја изготви Општината Битола, ќе се најде како точка на Дневен ред на првата наредна седница на Советот на Општина Битола.

Целта на Локалната стратегија е создавање на опкружување кое ќе го поттикнува развојот на социјалните претпријатија и социјалното претприемништво во Битола.

-Главната цел на стратегијата е да се поттикне создавањето и развојот на социјалните претпријатија во Општина Битола преку воспоставување на поддржувачка институционална и финансиска средина. Предложените стратегиските приоритети и мерки имаат за цел да ја развијат и подобрат законско- институционалната рамка, да воспостават соодветна рамка за финансирање на социјалните претпријатија, да го промовираат социјалното претприемништво и да ја зголемат видливоста на социјалните претпријатија. Целокупната имплементација на локалната стратегија се потпира на пристапот на колаборација, здружувајќи ги сите засегнати страни. Стратегијата за развој на социјалните претпријатија ги дефинира основните цели и активности за периодот 2023-2026 година, за да создаде институционална рамка за развој на социјалното претприемништво во Општина Битола, како и состав на мерките и активностите за развој на социјални претприемачи. Социјалното претприемништво како нов начин на делување претставува подрачје каде се преклопува претприемачката практика од деловниот свет и вредностите тесно поврзани со општествената одговорност и начелата на заштита на средината- стои во стратегијата на Општината Битола.

Социјалното претприемништво може значајно да придонесе за остварување на социјалната кохезија, борба против сиромаштијата и зголемување на вработеноста, развој на нови производи, постигнување конкурентност, заштита на животната средина и природните ресурси, како и унапредување на квалитетот на животот.

-Во Општина Битола постои плодна почва за социјални претпријатија. Притоа, најголем предизвик претставува носењето законска регулатива со која ќе се овозможи формирање социјални претпријатија. На тој начин би се создал потенцијал, меѓу останатото, и за подобрување на квалитетот на живот кај повеќе категории на граѓани, а со тоа, крајно, би се подобрила општествената и економската состојба во Општина Битола. Исто така, постоењето на административни бариери и системската неусогласеност за социјалната сфера ги ограничува претприемачите, но и финансиската поддршка од разни извори за основање социјални претпријатија.

Постојат и ризици за можни злоупотреби во програмите со социјални активности. Други слабости и закани претставуваат немањето на поголема граѓанска свесност за самиот концепт, како и немањето образовен систем кој би го доближил социјалното претприемништво и придобивките од социјалните претпријатија до пошироката јавност и би ја зголемил неговата видливост во Општина Битола. Првата локална стратегија за развој на социјалните претпријатија е концептуализирана врз основа на постојните истражувања во оваа сфера, реализирани од страна на различните чинители. Истата претставува прв обид да се даде стратегиска насока за долгорочен развој на социјалните претпријатија во Општината Битола.

Македонското општество веќе долго време се соочува со општествените предизвици кои се резултат на долгиот процес на транзиција. Нефлексибилноста на пазарот на труд, стапката на сиромаштија, социјалната исклученост, невработеноста, нерамномерниот регионален развој, миграциите на населението, предизвиците за заштита на животната средина и одржливиот развој сеуште остануваат предизвик не само за општините, туку и за државата како целина. Оттука се наметна интересот за социјалното претприемништво.

Стратегијата за социјални претпријатија претставува стратешки документ со основна цел создавање на одржлив бизнис модел за решавање на општествените проблеми, кое ќе има мерливо позитивно влијание за градот- стои во тригодишна стратегија за развој на социјални претпријатија во Општината Битола.

Инаку, при изработката на стратешкиот документ активно учество зедоа претставници од Општина Битола, професори од Битолскиот универзитет, претставници на јавните претпријатија и невладините организации.

-Стратегискиот документ се состои од јасно дефинирани стратешки цели и активности и дефинирани рокови за имплементација. Имплементацијата на стратегијата за социјални претпријатија ја наметнува потребата од силна посветеност на креаторите на локалните политики, едукаторите, активистите и други кои поседуваат знаење, вештини и компетенции максимално да се вложат за социјалните претпријатија станат препознатливи и активни учесници во социо- економскиот и локален развој на Општина Битола, информираат од Битолската локална самоуправа.

Оттаму уште додаваат дека во завршна фаза е Стратегијата за локален економски развој за периодот 2023-2027 година со три предложени стратешки цели: развиена инфраструктура за чиста животна средина и економски развој на Општината, поволна бизнис клима, нови инвестиции и нови работни места, а Битола да биде препознатлива културно- туристичка дестинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот