
Општина Центар со субвенции за мурали и графити кои ќе го истакнат македонскиот јазик и писмо
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски информира дека е објавен Јавен повик за изработка на мини мурали и графити на територија на општината, на кој можат да учествуваат креативци, уметници и културни здруженија од територија на Центар.
Препорачано
Според градоначалникот, проектите на конкурсот треба да ја истакнат значајноста на македонското писмо и јазик или да бидат посветени на културните обележја и настани значајни на локално ниво.
-Преку проектот „Мини мурали и графити“ создаваме нови можности за локалните уметници и внесуваме боја и живот во урбаниот простор. Уметноста на јавните површини не само што го разубавува градот, туку носи и пораки кои ги сплотуваат граѓаните. Нашата цел е Центар да биде отворено платно за креативноста. Право на учество имаат поединци, регистрирани здруженија и правни субјекти со седиште во Општина Центар- вели Герасимовски.
Подносителите на пријава на јавниот повик може да предложат локација за изработка на муралот или графитот по сопствен избор, а доколку посочената локација претставува ѕид од фасада на станбена зграда, потребно е уметниците да приложат согласност од сопствениците на објектот.
Пријавата со комплетната документација треба да се достави во еден оригинален примерок, пополнета електронски, потпишана и заверена од одговорно лице на апликантот.
Документацијата може да се поднесе по пошта на адреса Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков” бр.1, 1000 Скопје, или лично во Архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Поднесувањето на пријавите е отворено пет дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар, а финансиската поддршка ќе се додели согласно квалитетот, обемот и оригиналноста на предлог проектите, во вкупен износ од 295.000 денари.