Подземни контејнери, Фото: Фејсбук

Опасна појава – деца влегуваат во подземни контејнери за да собираат шишиња

Неформалните собирачи на отпад во Скопје покрај тоа што се најголемите селектирачи на стакло, пластика и картон, важат и за главни „виновници“ за расфрлањето на отпадот околу садовите за смет, кој еднаш веќе бил ставен во контејнерите од граѓаните. За жал, во обид да пронајдат повеќе отпад кој подоцна ќе го препродадат и на тој начин ќе заработат, желбата за да се заработат пари кај дел од нив оди дотаму што децата ги тераат да влегуваат во подземните контејнери и оттаму да собираат пластични шишиња, но и картонски кутии. Според надлежните, ваквата појава била многу позачестена во изминатите неколку години, а сега на терен е со намален интензитет, но за жал сѐ уште постојат вакви случаи.

Влегувањето на деца во подземните контејнери е исклучително опасна и непромислена постапка со која им се загрозува здравјето и безбедноста. При влез во подземниот контејнер се соочуваат со низа опасности бидејќи не знаат дали во садот за складирање отпад претходно има фрлено стакло, остри предмети, но и метал. Сите овие предмети можат сериозно да им ја загрозат безбедноста, а децата да се здобијат со сериозни повреди. Проблем со влегувањето на децата во подземните садови за отпад имаат и вработените во ЈП „Комунална хигиена“, кои се задолжени за нивно празнење. Во случај да има дете во подземниот контејнер, може да се случи немил настан доколку во истиот момент се празни контејнерот.

Во обид да се намали ваквата појава, вработени во ЈП „Комунална хигиена“ во текот на изминатите неколку години на терен вршеше едукација и информирање на затекнатите неформални собирачи за можните опасности од оваа појава.

За среќа, во последниот период е намалена појавата на влегување на деца неформални собирачи во подземните контејнери, со намера да го пребаруваат исфрлениот комунален отпад. Оваа појава е многу опасна, имајќи предвид дека нашите вработени немаат увид во внатрешноста на подземните садови бидејќи тие се затворени и може да се случи садот да биде подигнат и испразнет во специјалното комунално возило додека истовремено во него се наоѓаат неформални собирачи – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Оттаму додаваат дека дополнителен проблем со кој се соочуваат нивните вработени на терен е формирањето мини депонии околу садовите за отпад, кои се направени од собирачите на отпад.

Честопати на терен се случува неформалните собирачи со пребарување  во внатрешноста на садовите да создаваат мини-диви депонии околу садовите за исфрлање отпад – информираат од ова јавно претпријатие.

Подземните контејнери што се поставени на повеќе локации во Скопје имаат за цел поеколошки да се складира отпадот од граѓаните на главниот град односно да се спречи расфрлање на ѓубрето од уличните животни што влегуваат во надземните контејнери во потрага по храна, но и од страна на сиромашните граѓани, кои за жал бараат остатоци од храна фрлена во  садовите за отпад. Сепак, има и такви што растураат ѓубре околу контејнерите, барајќи отпад што подоцна можат да го продадат и на тој начин да остварат некаква заработувачка.

Покрај еколошката страна, со поставување на овие контејнери, надлежните имаа за цел да се придонесе и кон подигнување на степенот на хигиената во градот, подобрување на естетиката на просторот, но и подигнување на степенот на заштита на животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!