
Опасен е предлогот за заедничка резолуција за македонскиот јазик
Македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање. Затоа, да се бара од соседна Р Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид „руски рулет“ за Македонија
Предлогот за заедничка резолуција на Македонија со Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик, сугериран од г. Антонио Милошоски, ја загрижува македонската научна и културна јавност и во никој случај не би требало да се процесира официјално од македонските државни институции, од повеќе причини:
Препорачано
– македонскиот јазик има свој историски континуитет и развој, свој дијалектен систем, своја кодификација, свои преткодификации и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови;
– македонскиот јазик е признаен од славистиката и во науката за јазикот во меѓународни рамки;
– македонскиот јазик е признат од ОН уште од самото нивно основање;
– македонскиот јазик беше и е признаен од две третини најмалку од постојните држави во светот;
– македонскиот јазик е признаен во меѓународните асоцијации на писателите (Меѓународен ПЕН и др.);
– од македонски јазик и на македонски јазик се преведени илјадници книги и автори;
– македонското јазично прашање е заштитено и со Преспанскиот договор;
– македонскиот јазик беше официјален државен јазик на Југославија, како и на Македонија и кога беше во составот на федерацијата и од основањето на независна Република Македонија;
– постојат многубројни лекторати за македонски јазик во Европа и светот;
– македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање.
Затоа, да се бара од соседна Р Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид „руски рулет“ за Македонија, крајно неодговорен чин.
Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот што веќе е стекнат по сите основи.
Подобро е македонската Влада да ги поддржи како стратешки приоритетни научните проекти за македонскиот јазик на МАНУ, на Институтот за македонски јазик и на др. институции, да ги стимулира младите да го изучуваат и да се вработуваат соодветно, да ја шири и подобри мрежата на лекторати по македонски јазик и др. и да не дозволи импровизација со политички партии, групации и лоби групи во ЕП.
Фејсбук
(Авторката е академик)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“