
ОЈО за злосторството во Велес: Убиецот не боледувал од душевна болест, но бил пресметлив и имал забрана за приближување до жртвата
Основното јавно обвинителство соопшти дека против 39-годишниот скопјанец, кој ги уби поранешната невенчана сопруга и нејзиниот татко, по што си го одзеде животот, биле поднесени повеќе пријави.
Препорачано
Според соопштението на Основното јавно обвинителство, против осомничениот на 10 април 2025 година бил поднесен обвинителен предлог за два настани: загрозување на сигурноста на 20 февруари и насилство врз партнерот на оштетената во ноќта меѓу 3 и 4 март, со нанесување на полесна телесна повреда. Во текот на постапката било извршено психијатриско вештачење кое утврдило дека тој не боледувал од душевна болест, бил пресметлив и способен да ги сфати своите постапки, без знаци на патолошка фиксација кон оштетената.
– На 10 септември 2025 година, Основниот суд во Велес донесе пресуда со која обвинетиот беше огласен за виновен и му беше изречена условна осуда. Судот ги укина дел од мерките на претпазливост, но остана во сила забраната за приближување и воспоставување контакт со оштетената и нејзиниот партнер. Одлуката штотуку пристигнала во ОЈО Велес и обвинителството сè уште немало можност да одлучи дали ќе вложи жалба – се вели во соопштението.
Во меѓувреме, оштетената продолжила да пријавува нарушувања на мерките. На 21 мај 2025 година таа го пријавила осомничениот за неизвршување на судска одлука – тој продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии, се приближил до нејзиниот дом и на 18 мај го запалил автомобилот на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес издало повеќе наредби до МВР за прибирање на докази од телефонска комуникација и видео надзор, по кои полицијата постапувала.
Покрај оваа постапка, против осомничениот се водела и истрага во ОЈО Скопје. Оштетената на 25 март 2025 година го пријавила за настан од 27 декември 2024 година, кога, според пријавата, тој се обидел насилно да ја задржи во стан во Скопје по враќање од патување во Бугарија и ѝ нанел полесна телесна повреда. Истовремено, осомничениот поднел контра-пријава, обвинувајќи ја оштетената за лажно пријавување со цел изнудување пари.
По обезбедување медицинска документација и други докази, ОЈО Скопје ја отфрлило неговата пријава, но продолжило да постапува по пријавата на оштетената.
На 9 септември 2025 година таа дала исказ и изјавила дека останува на предлогот за негово кривично гонење.
Вчера тој ја уби поранешната невенчана сопруга, која имала 31 година, и нејзиниот татко (74). Двајцата биле убиени со нож, а 39-годишниот насилник потоа самиот си го одзел животот, исто така со оружјето со кое ги извршил убиствата.