
Огромно количество литиум е откриено во Германија, наоѓалиштето е меѓу најголемите во светот
Германската компанија за истражување и производство на нафта и гас „Нептун Енерџи“, која лани ја доби првата лиценца за производство на литиум во земјата, сега потврди и постоење на 43 милиони тони еквивалент на литиум карбонат (LCE) во регионот Алтмарк во Саксонија-Анхалт, пренесе хрватски „Индекс“.
Препорачано
Откритието би можело да ги промени перспективите за снабдување со суровини за батерии во Германија и Европа.
„Нептун Енерџи“ првенствено се занимава со истражување и производство на нафта и гас, но сè повеќе инвестира во проекти со ниска емисија на јаглерод и обновливи извори на енергија. Компанијата беше првата во Германија што доби лиценца за производство на литиум, а исто така поседува и три лиценци за истражување на литиум во регионот Алтмарк.
Според првичната внатрешна проценка на „Нептун Енерџи“, регионот Алтмарк содржел 70 милиони тони литиум карбонат, доволно за годишно производство од 25.000 тони, што, пак, е доволно за батерии за околу 500.000 електрични возила. Независна проценка од „Спроул ERCE“ потврди ресурс од 43 милиони тони LCE. Иако ова е помалку од првичната проценка, северна Саксонија-Анхалт сè уште го има еден од најголемите проектирани ресурси на литиум во светот.
Под услов да се добијат дополнителни дозволи за рударство, ќе следи фаза на демонстрација со целосно интегриран објект за екстракција како следен чекор кон комерцијално производство, соопшти компанијата.