
Одлуки на 28 седница на Собранието: Бојан Василевски е нов заменик на генералниот секретар на законодавниот дом
Бојан Василевски е именуван за заменик на генералниот секретар на Собранието. На денешната 28 седница на законодавниот дом, за него гласаа 61 пратеник, 22 беа против и немаше воздржани, но имаше реакции од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која не го поддржа предлогот.
Препорачано
– Ние реагираме по однос на овој предлог, бидејќи се работи за исклучиво партиско решение и едноставно СДСМ на овој начин продолжува со водење чекор назад по однос на департизација на институциите, рече пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
На собраниската седница беше верификуван мандатот на пратеникот Мухамед Кадриов.
Собранието денеска ја донесе и одлуката за именување на член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Донесени беа и други одлуки, како за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), за избор на шеф, членови и заменици членови на делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ) и за утврдување на состав на Делегацијата на Собранието во Интерпарламентарната унија (ИПУ).
Собранието ги донесе и одлуките за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), за избор на шеф, членови и заменици членови на делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (ПС НАТО), за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Медитеранот, за утврдување на составот на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС ПСЈИЕ).
Собранието ја донесе и одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација. Донесена е одлука и за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, како и одлука за изменување и дополнување на Одлуката за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување на меѓународна соработка на Собранието.
На седницата беа донесени и измените и дополнувањето на Законот за централен регистар и Законот за издавање обврзници за денационализација.
Седницата беше прекината, бидејќи за другите точки не се создадени услови за работа, а продолжение дополнително ќе биде закажано. Во рамки на оваа седница по скратена постапка на дневен ред е предлог закон за реализација на проектот за нов Универзитетски клинички центар.