
Од Трамп очекувам многу, посебно околу источна Европа, вели Колинда Грабар-Китаровиќ
Поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ за „Нова ТВ“ зборуваше за тоа што очекува од вториот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, пренесува „Индекс“.
Препорачано
„Од него всушност очекувам многу повеќе отколку што очекуваат повеќето луѓе, особено кога станува збор за источна Европа и централна Европа воопшто. Тој има многу поголем интерес за нас отколку што му се дава заслуга, но ќе биде преокупиран со големи работи, како односите со Кина или војната во Украина, така што ние мора да бидеме тие што ќе покажеме интерес за натамошно развивање на односите“, вели Грабар-Китаровиќ.
„Токму тоа се случи кога првпат се сретнавме на тој состанок во Варшава, прв пат билатерално. Наведов се што ни е важно, почнувајќи од програмата за укинување на визите, која ја постигнавме. Потоа договорот за двојно оданочување, очекувам тоа да се случи, конечно да се ратификува.
„Трамп ќе биде особено заинтересиран за Иницијативата за три мориња, тој отсекогаш чувствувал некаква посебна лична преференција за регионот на Централна Европа, а акцентот ќе биде ставен на зајакнувањето на енергетската инфраструктура, но и транспортната инфраструктура и дигитализацијата“, рече поранешната претседателка.
За разлика од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и спикерот на Хрватскиот парламент, поранешната претседателка најави дека има намера да присуствува на церемонијата на инаугурација на старо-новиот претседател на државата, Зоран Милановиќ.
„Како четвртиот претседател на Република Хрватска, мислам дека е моја обврска да дојдам, да покажам почит кон институциите и демократската волја на граѓаните“, рече Грабар-Китаровиќ.