ДУИ, митинг Скопје Фото: Фејсбук Ахмети

Од реториката на страв најмногу губи партијата што заплашува

Кампањата за парламентарните избори наместо како натпревар на партиски идеи за напредок на Македонија и подобар живот, тече како гола борба за власт во која граѓаните се важни само како гласачи, а партиските логики се – колку повеќе се исплашени од противникот, толку повеќе гласови за нас. Па така, претседателот на ДУИ Али Ахмети среде Скопје од плоштадот Македонија врескаше „УЧК, УЧК“, а министерката Славјанка Петровска од митингот во Крушево рече дека „ВМРО-ДПМНЕ во 2001 година сакаше војна и сега исто така сака војна“! Левица зборува за неофашизам во Македонија и порачува дека нема влада без Левица, а сите партии, пак, се едногласни дека нема влада со Левица.

ВМРО-ДПМНЕ ја плаши ДУИ дека сигурно ќе оди во опозиција затоа што е крајно време и дека ќе одговараат за сторените криминали, а Ахмети му се закани на претседателот на оваа партија Христијан Мицкоски дека „си ја бара белјата“. Владејачката СДСМ, чиј кандидат за претседател Стево Пендаровски освои 180.000 гласа помалку од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова, пак, игра на картата дека без нив нема европска иднина, а ги плашат граѓаните дека „режимот ќе се врати“. Албанската опозиција пак, го плаши ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествува во нивната влада ако нема уставни измени за внес на Бугарите, како услов за продолжување на преговорите со ЕУ.

Во вакви околности и со ваква реторика граѓаните се оставени со горки чувства на неизвесност и безизлезност и перцепција дека изборите не се однесуваат на нивната, туку на иднината на партиите.

Според комуникологот Бојан Кордалов важно е да се знае дека тоа што се ветува денеска, во овие неколку дена до изборите на 8 мај, потоа ќе биде будно следено од граѓаните во наредните месеци и години.

– Оние ветувања што се дадени под наплив на емоции, под набојот од митинзите, понатаму може да чинат големо разочарување кај граѓаните. Партиите се секако популарни, популарноста расте, па се намалува, плус-минус, но најштетно е разочарувањето на граѓаните. Стандардното водење на политика, со почит, со култура на политичка комуникација – тоа е тоа што дава резултат, колку и да изгледа споро и забавено, а секое забрзување во политиката, секое користење на наратив на страв, на зло – носи штета. За денешната опозиција која наскоро може да стане власт, од нивните денешни ветувања зависи како ќе бидат перципирани во иднина, а истото се однесува и за сегашната власт – и нивното дејствување во иднина ако отидат во опозиција ќе мора да биде обликувано според она што денес го искажуваат! Можеби тие не се подготвени за здодевно финале, но од тоа финале на сите нас ни зависат следните четири години – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Бојан Кордалов – коминиколог/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

Тој разбира дека смислата на политичката борба во една предизборна кампања е да се освојат гласовите на гласачите.

– Секако дека партиите се борат за глас повеќе, но, ако се игра на одредена карта која подоцна не се доигрува, тоа може да донесе огромни последици. Како на пример, картата „правда за сите“ и разочарувањето што уследи кога не дојде до правда или картата „ќе продаваме мерцедеси и враќаме пари на граѓаните“, а парите никогаш не се вратија. Или картата „една изборна единица“ … Не е добро кога се даваат ветувања во залет, а кои е тешко да се исполнат, како на пример ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за Собрание со 90 пратеници. Како ќе го изведат тоа? Не мора нивните ветувања да се во камен исклесани, ама зошто ветуваат нешто што знаат дека не можат да го остварат? Сметката секако ќе дојде, а забавата ќе им се расипе – предупредува Кордалов.

Според него, многу е подобро, поиздржано, посовесно и покултурно партиите да настапуваат со реални тези и со комуникации што се фокусирани исклучиво кон граѓаните. На пример, вели тој, за проблемот со Бугарија треба да се каже јасно кој што мисли да прави, затоа што искреноста носи поени.

– Тоа го видовме после Преспанскиот договор, кога тогашната влада со умерена комуникација ја објасни суштината на овој договор пред граѓаните, па потоа СДСМ и со сменето име на државата победи на изборите! Тој пример покажува дека е многу подобра позитивната комуникација, отколку користењето на закани, уцени, поделби и страв. Затоа кај нас предизборната кампања граѓаните не ја дочекуваат со радост, туку едвај чекаат да заврши – вели Кордалов.

Тој посочува дека има и позитивни примери во ова предизборие, но негативните се предоминантни, што е логично, затоа што штом некој користи запалива реторика што ги поларизира граѓаните, нормално е дека ќе привлече и значително медиумско внимание.

– Штетата од запаливата реторика е долгорочна за сите, но пред сè, за самата партија. Жално е што имаме приватни компании кои се многу општествено одговорни, а партиите воопшто не се – заклучува Кордалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот