Слободен Печат - Приватни Автобуси / Фото - Методи Здравев /

Од први јануари секој изминат километар на приватните автобуси, ЈСП ќе го плаќа околу 20 денари поскапо од сега

Доколку советниците на наредната седница ја усвојат предложената одлука, со моменталната цена на дизелот од 70,5 денари, приватниците би добивале по 88,7 денари по километар.

Најмалку 68,65 денари, но не повеќе од 113,20 денари по изминат километар ќе им се исплаќа на приватните превозници од први јануари. Градските советници на следната седница на Советот треба да гласаат за предлог-одлуката за изменување на Одлуката за утврдување вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот – остварен километар, во која се наведени сите суми што би се исплаќале во зависност од малопродажната цена на горивото.

Па така, доколку се усвои оваа одлука, со моменталната цена на дизелот од 70,5 денари, приватниците би добивале по 88,7 денари по километар.

Во предлог-одлуката се наведени сите варијанти на цена на гориво од 30 до 120 денари за литар и сите соодветни исплати за изминат километар, при што е прецизирано дека „доколку малопродажната цена на горивото е помала од 30 денари, тогаш се усвојува вредност од 68,65 денари по остварен километар, а доколку малопродажната цена е повисока од 120 денари, за секој остварен километар се усвојува вредност од 113,20 денари.“

Приватните превозници минатиот месец протестираа и сосема престанаа да возат барајќи да им се зголеми цената која ЈСП им ја плаќа, поради тоа што таа не е променета од 2015 година и не им ги покрива трошоците за услугата која ја вршат.

На координативна средба која ја имаа во Град Скопје на крајот од ноември, а на која присуствуваше и градоначалничката Данела Арсовска, беше договорено во рок од 15 дена да се изготви анализа во која согласно постојната методологија ќе се утврдат реалните трошоци за извршување на јавниот превоз, од страна на вешти лица, претставници на стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори и со земање предвид на поднесените податоци од претставниците на приватните превозници.

Слободен Печат - Приватни Автобуси / Фото - Методи Здравев /

Анализата, како што им беше ветено, е изготвена и врз основа на неа е подготвен и предлогот доставен до советниците, при што се пресметани сите трошоци од досегашното работење кое е усогласено со новите цени за резервни делови, како и за услугите за одржување, сервисирање и администрирање за трошоци по поедини ставки. Изработен е и вешт наод.

Како што се потенцира во објаснувањето на методологијата врз чија основа е подготвена анализата, во пресметките дадени од приватните превозници е забележено дека одредени трошоци се повисоки, бидејќи здруженијата на приватни превозници се збир на приватни компании, кои поради расцепканоста имаат повисоки трошоци по поедини ставки, во споредба со трошоци кои би ги имале како едно правно лице кое организирано ги обезбедува поедините дејности неопходни за функционирање на јавниот градски превоз.

Јавниот градски превоз е гранка каде што не може да се смета на добивка, со обѕир на тоа дека заради важната улога која ја има во рамките на урбаните транспортни системи цената на превозот се држи ниска, а приходите од продажба на билети не се доволни да ги покријат вистинските трошоци на работа. Од овие причини, проширената репродукција во светот се обезбедува со средства од буџет или други извори на финансирање специјално наменети за јавниот градски превоз. Во овој случај, заради специфичните околности во јавниот градски превоз во Скопје (почетен период на целосна интеграција на приватните превoзници во јавниот градски превоз) предложена е разумна добивка од 10% од проценетиот трошок по километар – објаснуваат од Град Скопје.

Повисока цена за изминат километар или нема автобуси претпладне: Приватниците повторно не возат редовно

Дали приватните превозници од трите здруженија „Јофи бус“, „Радос компани“ и „Вестор транс“ ќе бидат задоволни доколку советниците ги изгласаат измените на цената и дали конечно со сите нивни автобуси ќе се вклучат во јавниот превоз, останува да се види.

Скопјани очекуваат тие не само да се вратат во сообраќај како што им налага договорот со Град Скопје кој е со важност до мај наредната година, туку и да понудат поквалитетни услуги на патниците. Всушност, нивните претставници така им ветија на граѓаните.

Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси – изјави неодамна Јовица Зафировски од „Јофи бус“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот