Фотографија: Ravi Batra / Zuma Press / Profimedia

Од Хималаите и островите во Тихи Океан до работа во Скопје: Азијците ги пополнуваат нашите работни места

Годинава за државјани од Непал се поднесени 802 барања за вработување, а уважени се 620, имало 35 барања поднесени за Пакистанци, а прифатени се 22, додека за државјани од Филипините се поднесени 101 барање и одобрени се 81.

Работници од Азија веќе може да се забележат во скопските кафеани, но и на други работни позиции. Компаниите веќе подолг период потенцираа дека ги отвораат вратите за азиските работници, чиј стандард во сопствената земја е на ниско ниво, па бараат вработување каде било што ќе им помогне во егзистенцијата. Стопанствениците потенцираа дека е потребно државата да дава повеќе дозволи за вработувања странци и инсистираа на квота за 10.000 вработувања, што со закон беше и дозволено. Но сепак, веројатно и нема да има потреба од таква квота, затоа што толку голема навалица не постои.

– Во периодот од 1 јануари до 12 септември поднесени се 6.460 барања за вработување на странски државјани. Од нив, 5.882 сe барања за мислења за вработување и 578 сe барања за лична работна дозвола. Притоа, досега се донесени 5.010 позитивни мислења за вработување и има 466 уважени барања за лична работна дозвола. Останатите барања или се во постапка на разгледување или се одбиени, или се повлечени – изјавија од Агенцијата за вработување за „Слободен печат“.

Од Агенцијата ги добивме и деталите за вработувањата на жители од за нас далечни и егзотични земји. За државјани од Непал се поднесени 802 барања, а уважени 620, имало 35 барања поднесени за Пакистанци, а прифатени се 22, додека за државјани од Филипините се поднесени 101 барање и одобрени се 81.
Првичните искуства што беа во текстилната индустрија беа негативни – вработувањата на Азијците кај нас им служеа само како отскочна штица за да потоа стигнат до поразвиените западни земји. Така, лани осамнаа вести од неколку текстилни фирми што во Полиција пријавија дека им „исчезнале“ работници од Непал.

Сега веќе има една група од над 700 работници од Азија на разни позиции. Во едно скопско кафуле речиси сите се Филипинци, но како што велат гостите, мораат да им се обратат на англиски јазик.

– Не е проблем да нарачам на англиски јазик, но некако не ми оди во Скопје да нарачувам на странски јазик – вели нашата соговорничка.

Разговаравме и со менаџерка од една компанија од прехранбениот сектор каде што има вработено Непалци.

– Имаме проблем со комуникацијата. Барем овие што работат кај нас малку зборуваат англиски јазик и има некои важни работи што треба да им ги пренесам, но не ме разбираат – вели нашата соговорничка, која е технолог инженер.

Таа ни ги објасни и условите што работниците ги добиле за работата – плата од 30.000 денари, сместување во хостел и хранарина во висина од 3.000 денари.
Во еден голем скопски хотел, Филипинките се вработени како масерки, а тоа задоволство за двајца чини 100 евра.

– Ние можеби бевме меѓу првите што вработија работници од Филипините. Воопшто во азиските земји на масажата се гледа како на еден вид духовна и здравствена терапија и тие се многу вешти во тоа што го работат. Сите три се млади семејни жени и, како што велат, работат за да испратат пари дома, затоа што имаат финансиски проблеми – вели директорката од хотелот.

Филипините се наоѓа во Тихиот Океан. Голем процент од населението работи во текстилниот сектор. Филипини се смета за земја што е најразвиена меѓу земјите од Југоисточна Азија и според податоците од Светска банка, нивниот БДП по жител е 3.985 долари.

Но, меѓу Азијците, според бројките од Агенцијата за вработување, најмногу интерес има од Непалците за работа кај нас. Непал, сместен во Хималајскиот Регион, пред сè е земјоделска земја, но која сè повеќе се развива и во туризмот. Таму БДП по жител во 2024 година бил 1.447 долари. Сличен е и БДП по жител во Пакистан – 1.484 долари.
Во Македонија, пак, БДП по жител лани бил 9.217 долари. Нашата просечна плата е 45.468 денари. Во моментов, според Агенцијата за вработување има 7.577 слободни работни места, а најмногу слободни позиции има за хигиеничари – 670.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот