
Од е-лични карти до е-услуги – Дигиталниот самит на Западен Балкан отвора нова дигитална етапа
Денеска во Скопје се отвори седмото издание на Дигиталниот самит на Западен Балкан (ДСЗБ), коорганизиран од Владата на Северна Македонија и Советот за регионална соработка (СРС), со што се потврдува заложбата на регионот за дигитална трансформација, соработка и европска интеграција.
Препорачано
Како што се наведува во соопштението од Советот за регионална соработка (СРС), во своето воведно обраќање, генералниот секретар на СРС, Амер Капетановиќ, ги истакна досегашните постигнувања и приоритетите за иднината.
„Дигитализацијата не е само цел, таа е трансформативна сила. Успехот на нашиот режим ‘Roam Like at Home’ покажува што регионот може да постигне кога работиме заедно. Сега мораме да ги направиме следните чекори: изградба на интероперабилни дигитални ID паричници, унапредување на доверливите услуги, усогласување со дигиталните рамки на ЕУ и обезбедување на алатки за младите и бизнисите за да напредок во дигиталната ера“, рече Капетановиќ.
Отворајќи го Самитот, премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, ја подвлече важноста на инвестирањето во дигитализација за просперитетот и стабилноста на регионот.
Тој истакна дека откако луѓето ќе почнат да гледаат опипливи резултати од дигиталната трансформација, довербата расте и следи моментум, создавајќи циклус што поттикнува понатамошен напредок и иновации.
На Самитот се обратија и партнерите: Ренате Николaj, заменик генерален директор за комуникациски мрежи, содржина и технологија во Европската комисија; Томас Ламанаускас, заменик генерален секретар на Меѓународната телекомуникациска унија; Томас Јарзомбек, парламентарен државен секретар во германското Сојузно министерство за дигитализација и модернизација на владата; и Свјатослав Сенјута, регионален лидер за владини решенија во Visa. Тие ја истакнаа важноста на регионалната соработка, усогласувањето со ЕУ и партнерствата со приватниот сектор во напредокот на дигиталната агенда.
Подоцна денеска, Данијела Гачевиќ, раководител на Програмскиот оддел во СРС, ќе го модерира министерскиот панел на тема „Дигитално по дефиниција – Јавните услуги во функција на сите“, на кој ќе учествуваат министри и високи претставници од Западен Балкан, меѓу кои: Делина Ибрахимај, министерка за економија и иновации на Албанија; Мараш Дукај, црногорски министер за јавна администрација; Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација на Северна Македонија; Славиша Антиќ, државен секретар во Министерството за информации и технологија на Србија; Гетоар Мјеку, косовски заменик министер за економија; и Алмир Бањевиќ, директор на IDDEEA во Босна и Херцеговина.
Во текот на двата дена, учесниците на ДСЗБ 2025 – носители на одлуки, експерти и иноватори од целиот Западен Балкан, ЕУ и пошироко – ќе дискутираат за дигитални услуги, дигиталниот паричник, интероперабилноста, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, е-услугите и развојот на вештини.
Дигиталниот Самит на Западен Балкан се организира во рамки на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст на ЕУ, и е кофинансиран од Европската унија.