
Од 4 до 6 јули: Бесплатен влез, над 30 музички ѕвезди и хуманитарна мисија на „Д фестивал“ во Штип
„Д фестивал“, најголемиот летен музички фестивал во Македонија оваа година одбележува јубилејно 15 издание кое ќе се одржува од 4 до 6 јули во Штип и со бројни новости во својот програмски концепт.
Препорачано
Единствениот мултимедијален настан каде што музиката, уметноста и заедништвото се спојуваат во едно уникатно доживување, оваа година добива поголема хуманитарна мисија која фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Поддршка за Кочани“ (Support Kocani).
Имено, „Д фестивал“ ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за иницијативата „Поддршка за Кочани“, објави организаторот „Пасворд продакшн“. Овие билети се достапни во продажба онлајн на веб-страницата МкТикетс.
Најголем дел од програмата на „Д фестивал“ го сочинуваат домашните артисти, а во таа листа ќе се запишат дел од најрелевантните претставници на современата македонска музичка сцена, уметници кои со своето дело веќе оставија неизбришлива трага, но и сѐ уште ја восхитуваат музичката јавност со своето творештво и сценски изведби: „Архангел“, Кирил Џајковски кој ќе настапи заедно со ТК Вондер и Рутсман I, „Мизар“, „Фолтин“, „Љубојна“, Пијан Славеј, „Паркети“.
Покрај нив, ќе настапат и водечките претставници на новата македонска музика: Дина Јашари, „Пич вајс“, „Доуп Куќата“, „Последен удар“, Принцес Донатсу, Дон Плаја, ЗЕЕ и Матеј Фолтц, Кем, Моира, Никартик, Гвасс, диџеите Флудер и Мана.
Од светските ѕвезди, на „Д фестивал“ доаѓаат британските дарк-рок пионери „Систерс оф мерси“. Ова е култно име на глобалната дарквејв сцена и бенд кој повеќе од четири децении го восхитува светот со својот препознатлив звук и интензивни сценски настапи.
Од Јамајка во Штип пристигнуваат и вистинските легенди „Инер Сркл“, Со хитови како “Bad Boys”, “Sweat (A La La La La Long)” и многу други, ова е несомнено еден од најголемите реге бендови на сите времиња.
Фановите на најжестокиот звук пак, ќе имаат чест да уживаат во настапот на култниот бразилско-американски метал бенд „Соулфлај“, предводен од славниот Макс Кавалера.
Најзаразниот рефрен од актуелниот избор за песна на „Евровизија“ пристигнува на „Д фестивал“ со третопласираниот артист од финалето, Томи Кеш од Естонија.
На „Д фестивал“ годинава нема да изостанат ниту ѕвездите од регионот, па македонската публика ќе има прилика да ги погледне секогаш импресивните и извонредни „Буч Кесиди“ и „С.А.Р.С.“.
(Комерцијална објава)