
Од 12 до 14 септември – третото издание на фестивалот „Вкуси го југот“ (Taste the south) во Гевгелија: Фузија на традицијата, културата и забавата
Од 12 до 14 септември Гевгелија ќе биде домаќин на третото издание на фестивалот „Вкуси го југот“ (Taste the south). Традиционална културно-забавна манифестација за промоција на Гевгелија, која не е само обичен тридневен музички хепенинг, туку претставува своевидна фузија на традицијата, културата и забавата и тоа во повеќе сегменти.
Препорачано
Под покровителство на општина Гевгелија и годинава најјужниот град во Македонија три дена ќе пулсира и живее во духот на она што југот го има како традиција во гастрономската понуда, на подготовка на домашни специјалитети подготвени по традиционални рецепти.
Подготовката на најпознатиот македонски бренд – ајварот, правењето на надалеку познатото слатко од гевгелиски смокви, печењето и подготовката на автентичниот македонски алкохолен пијалак – мастика по оригинални домашни рецепти ќе бидат само дел од предвидените активности преку кои бројните посетители од земјата, но и мноштвото гости од странство ќе можат да го почувствуваат и насладуваат на автентичниот „вкус на југот“ на Македонија.
Сето ова ќе биде придружено со бројни штандови на познатите конзервни индустрии кои ќе ги понудат своите производи, а локалните ресторани и кафулињата ќе им го пружат традиционалното гостопримство и услужат посетителите и гостите, кои и годинава се очекува во огромен број да бидат присутни на манифестацијата „Вкуси го југот“ која во три дена, на 12, 13 и 14 септември ќе се одржи на истата локација како и лани – кај новиот пазар во Гевгелија.
Во нејзините содржини е предвидена и богата културно-уметничка и едукативна програма која ќе ја збогатат културно-уметнички друштва и фолк ансамбли и солисти, тука се школата за тапани, школата за гитара, школата за танци, фестивалот „Калинка“ и уште многу други, разновидни содржини за сите вкусови и возрасти.
Секако, вечерните настапи и концерти на мноштвото млади и секако внимателно направен избор од најпознати македонски етно, поп и рок пејачки ѕвезди и бендови се најатрактивниот дел од програмата, во кои ќе кулминира забавата исполнета со содржини за сите генерации.
Сè на сè, Гевгелија во тие три дена во Гевелија ќе има што да се види, слушне и вкуси … Ќе биде градот во кој спојот на традицијата, културата и забавата ќе доминираат во Македонија. Секој нејзин жител, домашен гостин или странец што има желба и можност да дојде е добредојден. Затоа, дали сам, во друштво или со семејството, повели … „Влези во кругот и вкуси го југот“!
Или за странците подобро да не разберат: „Оpen your eyes, ears and mouth, welcome and … Taste the south“!